Шпанската полиција истражува исчезнување на слика од Пабло Пикасо кое се случи за време на нејзиниот транспорт од Мадрид до изложба во Гранада. Исчезнувањето на сликата, осигурена на 600.000 евра, било пријавено во полиција на 10 октомври, пренесе РТВЕ.
Сè уште не е познато во кој момент од транспортот до Гранада вредното дело исчезнало, а никој сè уште не е уапсен во врска со случајот.
Пикасовата слика „Мртва природа со гитара“ била меѓу 56 уметнички дела кои биле пренесувани од Мадрид до Културниот центар во Гранада каде што е организирана изложба посветена на историјата на жанрот мртва природа од 17 до 20 век.
Изложбата е отворена и покрај исчезнувањето на Пикасовата слика, наведува РТВЕ.