Авион кој летал од Уналаклит кон Ноум со девет патници и еден пилот е пријавен како „исчезнат“ откако не пристигнал на одредиштето околу 16 часот по локално време.
Покрената итна потрага
Спасувачките екипи интензивно работат на утврдување на последните координати на леталото, но екстремните временски услови ја отежнуваат можноста за воздушна потрага.
Во областа пристигна авион на крајбрежната стража опремен со специјализирана технологија што овозможува лоцирање на објекти и луѓе без видливост. Со негова помош започна детална „мрежна потрага“ над водата и крајбрежјето.
„Во моментот реагираме на извештаите за исчезнатиот авион на компанијата Bering Air. Се спроведува активна копнена потрага од Ноум и Белата планина. Поради временските услови и намалената видливост, засега сме ограничени во воздушната потрага. Националната гарда, крајбрежната стража и воените сили се алармирани и активно учествуваат во операцијата. Norton Sound Health Corporation е во состојба на готовност“, се наведува во соопштението на Доброволното противпожарно одделение на Ноум.
Апел до граѓаните
Властите ги предупредија граѓаните да не се впуштаат во самостојни потраги поради екстремните временски услови.
„Ги молиме граѓаните да сочувствуваат со оние кои во моментов се водат како исчезнати, но истовремено апелираме да не формираат независни групи за потрага поради безбедносни причини“, стои во соопштението.
На семејствата на исчезнатите им е препорачано да побараат поддршка во локалната болница.
Властите соопштија дека последниот контакт со пилотот бил кога тој ја известил контролата на летање во Анкориџ дека планира „да остане во зоната на задржување“ додека чека дозвола за слетување.
Авијациски несреќи во САД
Овој инцидент се случува помалку од две недели откако 67 лица загинаа при судир на авион на American Airlines и воен хеликоптер „Блек Хок“ над реката Потомак во Вашингтон.
На тој лет немаше преживеани, а сите тела се извлечени од водата додека истрагата за несреќата продолжува.