Во јавноста се разбрануваа многу позитивни реакции за иницијативата на познатата македонска дизајнерка Ирина Тошева која од почетокот на работилницата во КПУ „Идризово“ води работилница за шиење, везење и учење со жените кои се наоѓаат во затворската установа. Овој тип на иницијативи се навистина реткост, а уште поголема реткост е можноста да извршат некакво пошироко влијание преку поврзување со заедницата.
Поради ова, како продолжување на самата иницијатива, на зелената тераса во ГТЦ завчера беше организиран базар на кој посетителите можеа да си ги купат ракотворбите и со тоа директно да донираат средства и мотивација на жените кои ги изработија.
Ирина е дизајнерка која верува дека преку креативност и работа може да се гради самодоверба, надеж и чувство за припадност. Таа е дизајнерка која понуди повеќе од хуман гест – алатки и шанса за подобра иднина и развој. КПУ „Идризово“ е единствениот женски затвор во државата, што ја зголемува потребата од посветеност кон реинтегративните процеси за жените кои се дел од таа институција, но и системската пдодршка која им е потребна.

„Жените од отвореното одделение секојдневно шијат и ја водат работилницата, а оние од затвореното одделение, везат и на тој начин активно придонесуваат. Сите се среќни дека нивното време е исполнето, а веќе прават и планови како да продолжат и по излегувањето. Најемотивните моменти се кога ќе слушнат дека нешто е купено, тогаш има и солзи радосници, затоа што добиваат чувство на вредност и надеж надвор од затворските ѕидови.“ – вели Ирина.

Додава дека е тешко да се одвои една омилена приказна, но и дека навистина значи кога ги слуша нивните планови поврзани со стекнатите вештини во иднина, како знак за надеж и визија. Таа вели дека производите веќе биле достапни во „Еснаф“ и „Народни носии“ на Рекорд, како и во склоп на базарот „Прошарај 2025“. Вели дека целта на собраните средства е да се доопреми работилницата, а и да се реновира просторот, кој има голем проблем со влага.
„Следниот чекор е да ја прошириме палетата на производи и да понудиме и каталог со услуги за ресторани, хотели и бистроа. Како што дел од жените излегуваат, во тимот доаѓаат нови кои треба да се обучат, што создава континуитет и раст. Паралелно работам и на новата колекција во која тие ќе бидат вклучени преку уникатни везени детали. Но визијата е уште поширока, сакам да создадеме онлајн платформа каде што производите ќе бидат достапни за пошироката публика, а истовремено да ги пласираме и во разни продавници низ Македонија. Така „Made in Idrizovo“ нема да биде само иницијатива, туку препознатлив бренд кој носи социјална вредност и ја раскажува приказната за жените зад секое парче.“ – вели Ирина за понатамошните планови за развој на иницијативата.

За крај, таа додава дека во моментов е целосно посветена на оваа иницијатива, која бара време, внимание и континуитет за да има ефект. Иницијативата ја работи волонтерски, но е секогаш подготвена да помогне на некого кој од ова искуство ќе се инспирира. За Тошева, преку заедничка сила, промената се гради со повеќе иницијативи и луѓе, не само преку една личност.