Tетовирањето одамна не е само тренд, туку сериозна уметничка дисциплина и дел од современата културна сцена. Токму со таа идеја се организира регионалната tattoo конвенција „Artist Republic 2026“, која на 14 и 15 март, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје ќе обедини околу 150 тату артисти од целиот свет, музичка програма и бројни активности за посетителите.
Настанот е продолжение и надградба на Skopje Tattoo Show, кое се одржа во 2024 и 2025 година, но годинава прераснува во поголема регионална конвенција со нов концепт и интернационален карактер. За идејата зад настанот, програмата, развојот на tattoo сцената и личниот пат во уметноста разговаравме со Ирина Атанаскова, тату артист и една од организаторите на „Artist Republic 2026“.

Како се роди идејата за регионалната tattoo конвенција „Artist Republic 2026“ и што беше главната мотивација да ја организирате?
Идејата се роди од љубовта кон тетовирањето и желбата да се создаде простор каде што артистите од различни држави ќе можат да се поврзат, да се дружат и да разменуваат искуства. Сметавме дека на Скопје му недостасува ваков тип на настан – место каде што тату уметноста ќе се слави како вистинска форма на уметност, а воедно ќе се создаде и силна заедница од артисти и љубители на тетоважи.
Првите две години настанот се одржуваше како Skopje Tattoo Show 2024 и 2025. Што ве мотивираше годинава да направите чекор понатаму и да го трансформирате во регионална конвенција под новото име Artist Republic 2026?
Оваа година организаторите на Skopje Tattoo Show се здружија со организаторите на Great Heart Art конвенцијата за тетовирање во Белград. Целта е да се создаде една поголема регионална конвенција со уште поголема посетеност – и од артисти и од публика. Очекуваме најголем број тату артисти досега, од целиот свет, што ќе го направи настанот навистина интересен и уникатен за регионот.
Колку тату артисти се очекува да учествуваат и од кои земји доаѓаат?
Се очекуваат околу 150 тату артисти од многу различни земји. Секако ќе има артисти од Балканот, но и од многу европски земји, како и гости од Америка и други делови од светот. Тоа ја прави конвенцијата вистински интернационален настан.
Покрај тетовирањето, каква програма ќе понуди конвенцијата – дали посетителите можат да очекуваат музика, работилници или други активности?
Покрај тетовирањето, ќе има и богата забавна програма. Ќе настапуваат бендовите Posleden Udar и Dylan’s Dogs, како и неколку диџеи – DJ Vito, DJ Jan Ko Nen и DJ Slave. Ќе има и pole dance настапи, како и традиционалното натпреварување за најдобра тетоважа во различни категории
Kолку ваквите настани се важни за поврзување на тату артистите и за развој на регионалната tattoo сцена?
Ваквите настани се многу важни затоа што создаваат простор за размена на идеи, техники и искуства меѓу артистите. Тие помагаат сцената да се развива, да се подигнува нивото на квалитет и да се гради заедница меѓу луѓе кои ја делат истата страст. Истовремено, ваквите конвенции ја приближуваат тату уметноста до пошироката публика и ја претставуваат како сериозна и креативна уметничка дисциплина.
Што би им порачале на луѓето кои можеби никогаш не посетиле tattoo конвенција – зошто вреди да дојдат на „Artist Republic 2026“?
Би им порачала дека ова не е настан само за луѓе кои имаат тетоважи. Тоа е вистински уметнички и културен настан каде може да се видат врвни артисти од целиот свет, да се доживее креативната атмосфера, музиката и целата енергија на заедницата. Дури и ако не планирате да се тетовирате, вреди да дојдете да ја почувствувате атмосферата и да видите како настанува уметноста во живо.
Како започна вашата приказна со тетовирањето и што ве привлече кон оваа форма на уметност?
Отсекогаш сум сакала да тетовирам. Учев во средно уметничко училиште и некако природно се случи веднаш по тоа да почнам да учам да тетовирам, паралелно со факултетот (архитектонски). Тетовирањето за мене беше начин цртежот и уметноста да ги претворам во нешто што останува со луѓето засекогаш.
Како се развиваше вашиот стил низ годините и што најмногу ве инспирира денес како тату артист?
Кога почнував да тетовирам, работев многу различни стилови. Со текот на времето постепено се насочив кон она што најмногу ме привлекуваше – тетоважи во боја, особено watercolor стилот и мои сопствени дизајни. Денес најмногу ме инспирираат боите, формите и можноста секоја тетоважа да биде уникатно мало уметничко дело.
Покрај тоа што сте тату артист и организатор на голем настан, вие сте и мајка на две мали деца. Како успевате да го балансирате приватниот живот со креативната работа и организацијата на вакви проекти?
Покрај тоа што сум мајка, токму децата се една од моите најголеми инспирации да ги следам и остварам моите соништа. Тие ме потсетуваат колку е важно човек да биде храбар, креативен и упорен во тоа што го сака. Секако, многу помага и поддршката од мојот сопруг, со кого работиме во иста сфера. Тој е еден од главните организатори на настанот заедно со Горан Мичиќ, додека јас помагам околу организацијата кога е потребно. Кога имаш тим, поддршка и луѓе со иста визија околу себе, многу полесно е да се балансираат семејството, работата и ваквите креативни проекти.