Трн: Која би била првата реченица кога ти би пишувала Женски манифест на 21. век?
Ирена: „Жените ќе бидат политичка катарза на 21 век“. И тука мислам на Аристотеловиот концепт на катазра како своевиден политички опозит на доминантната Западна политичка традиција заснована на рационалноста и капиталистичката исплатливост. Кога велам катарза, мислам пред сѐ на политиката како настан, а не сведување на политиката на рационални калкулации.
Светот денес се соочува со социјално отуѓување, еколошки колапс и мноштво од кризи, а оваа рационалиситчка парадигма не успева да одговори на реалните човекови потреби. Екстремната десница, за разлика од либералната левица, порано го препозна крајот на овие политички концепти и денес ја ужива таа предност. Тоа навистина плаши.
Женската политика која ја предлагам гледа на „ранливоста“ не како нешто што треба да се надмине (што е типичен максулинистички идеал) туку како основа на една нова политичка етика. Ако рационалистички политики ја третираат планетата како ресурс кој треба да се менаџира, оптимизира и експлоатира, женската политика изискува пристап кој е заснован на идејата за планетата како жив и ранлив систем. Конечно, женската политика мора да го разбира човечкиот живот како конечен. За разлика од капиталистичката логика која оперира врз логиката на акумулација и постојаност, односно идеја дека мораме постојано да градиме, растеме и натрупуваме капитал, женската политика треба да не` научи да ја прифатиме конечноста на нашите животи и да ги приоретизираме благосостојбата над продуктивноста, заедништвото над богатсвото и уживањето во процесот над итање кон конечната цел.
Конечно, женската политика која ја заговарам нема никаква врска со она што денес го гледаме како навидум женски политички импулс воден од опсесијата на бројки, односно броење колку жени имаме на политички позиции. Можеби некој ќе ми се налути, но за мене тоа е толку промашена иницијатива. Мораме заедно да се бориме не за вклучување на жените во постоечките систем и структури на моќ кои се корумпирани и расипани, туку да ја редефинираме самата моќ. Е тоа е вистинскиот политички предизвик на 21 век. Се` останато е шминка, и тоа лоша.

Трн: Кој е нејголемиот успех на женските движења во поновата историја на Македонија?
Ирена: Вака на прва, веројатно би рекла неколку успеси кои се должеле на поврзување и солидарност на различни жени. На пример, женската мобилизација за спречување на рестриктивниот закон за абортус. Особено драга и моќна ми е мобилизацијата за поддршка на Пале, жената од Велес која во акт на самоодбрана, за да го зачува сосптвениот живот, го уби својот партнер додека тој ја давел. Или иницијативата на здружени самохрани мајки за промена на дискриминаторски учебник во основно образование.
Она што ги прави овие иницијативи моќни, не е единствено нивната успешност, туку идејата дека здружени жени сешто можат. Замислите, жени се здружиле и смениле закон, промениле обвинение во судска постапка, промениле учебник во државно образование. Оваа идеја е заразна, таа мотивира и мобилизира. Таа е поголема од еднократните успеси на иницијативите. Таа истовремено и дава надеж и исцртува насока како се стигнува до посакуваната цел. Жени кои се здружени, кои поседуваат проверена стратегија и се дополнително наелектризирани од надеж се несопирлива сила.
Трн: Дали женските организации и движења имаат можност (простор) за рефлексија и реобмислување на натамошните чекори и битки, дали постојаната офанзива и подем на десницата ги тера на постојана дефанзива без можност за содавање релевантен и општо/пошироко прифатен наратив?
Ирена: Би требало да имаат, ама како? Една одлика на владеењето на екстремната десница е политиката на преплавување, односно тактиката на екстремната десница е искористување на „исцрпеноста“ како оружје против нивните непријатели. Има ли денес некој кој не е преплавен од слики и вести од Трамп и Елон Маск уште од самото отворање на телефонот наутро, до последното ѕиркање пред спиење? Бобардирани сме со вести и тоа застрашувачки вести, постојани известувања за кризи и одговори, катастрофи или потенцијални катаклизми. Тоа не е реалност (реалноста е далеку покомплексна), тоа е тактика.
Преплавувањето на јавната зона со катастрофи (како можноста од трета светска војна доколку не играме по нечии правила), хиперпродукцијата на „вести“ и „квази-политички настани“ (како мафтањето со моторна пила на Маск или исцртаниот со пепел крст на чело на државниот секретар на САД Марко Рубио) и забревтано креирање морална параноја и паника (како лажните вести дека УСАИД исплатил 50 милиони долари за кондоми за Хамас или 8 милиони долари за трансџендер глувци) има за цел да нѐ збуни, уплаши и парализира, додека глобалната елита или ја нормализира идејата за екстремна десница или ја одржува на апарати за дишење мртвата неолиберална, вљубена во капитализмот- левица.
Неодамна, во својата колумна, напишав дека оваа тактика на десницата е успешна затоа што го оневозможува долгорочното стратегизирање на сметка на реакционерство токму кај слободарските движења, меѓу кои е и женското феминистичко движење. Со други зборови, ние несвесно паднавме во замката да реагираме секојдневно на постојани провокации и лаги, губејќи енергија и време за сериозно политичко дејствување. Треба да се спротивставиме на итноста што ја диктира кризата и да се спремаме, не за трка, туку за маратон, кој бара работа во бранови наместо спринт. Сведочиме на еден спектакл на сеопшто уништување, кое создава паника и исцрпеност. Сепак, итноста не треба да биде алиби за хаос. Не смееме да заборавиме дека најотпорните движења функционираат во бранови, односно ја препознаваат потребата од одмор, рефлексија и од одржливо дејствување.

Трн: Како е да се биде цел на напади на антиродови формации (како се справуваш со тоа)? Кои се тие, каде удираат и која им е крајната цел?
Ирена: Нема да глумам лажна челичност и недопирливост и ќе речам дека искуството е благо речено ужасно, исцрпувачко и мачно. Не е во мој манир да глумам хеорина, туку искрено ќе кажам дека последните години минував низ пекол. И јас и моето семејство. Ама сепак, тоа не не` уништи. И тука доаѓам до вториот дел од прашањето, до точката на учење стратегии за справување.
Првиот чекор беше да осознаам дека не сум сама, дека освен мене и други жени и квир луѓе минуваат низ истиот хорор, а еден куп други разбираат дека се тие следни на ред. Изолацијата го поттикнува очајот, споделената болка мотивира и мобилизира.
Вториот чекор беше креирање на солидарни кругови, кои не само што се другарски кругови на поддршка и кревање на духот, туку политички заедништва во кои се анализира сегашноста и замислува подобрата иднина.
Конечно, можеби најважното сознание кое произлезе од ова искуство е дека мобилизацијата врз основа на страв е причината зошто толку обични луѓе се фрлија во пресметка со неколкумина од нас. Овие луѓе паднаа во замката дека ние, а не олигарсите и корупмираните полиитчари и свештеници, сме нивните исконски непријатели. Мобилизацијата врз страв е прилично моќна, но краткорочна стратегија. Ќе не` малтретираат уште некое време, ама тие иницијативи согоруваат брзо како фитил и тоа е нивната слабост. Од нивните грешки треба да учиме. Тоа значи да инвестираме во мобилизации засновани на споделена визија и надеж и да замсилуваме нови политички хоризонти, зошто старите и онака умираат.
Трн: Поткастот Радио Милева кој го водиш заедно со Румена Бужаровска и Јана Јакимовска си зазема дел од онлајн просторот и си гради своја публика. Која беше вашата визија за поткастот кога го започнавте, која ви беше/е целта, каде сте сега, каде се гледате во иднина?
Ирена: За мене е многу важно дека Радио Милева е производ на три другарки, тоа е продукт на женско пријателство. Јас, Румена и Јана сме другарки уште од основно образование. Ние споделуваме доста слични вредносни системи, но имаме различни линии на мислење и делување. Според мене, тука лежи успехот на овој поткаст. Радио Милева нуди различни гласови за иста цел и не паѓа во замката на спектаклот каде што публиката е ставена пред циркуски дебати на спротивставени страни какви што гледаме на националните телевизии.
Радио Милева имаше за цел да окупира еден заборавен простор, простор на секојдневни теми и проблеми отаде дневно-политчката реалност. Во Милева зборуваме за разводи, за имање или немање деца, за поп култура, за стравот од стареење кај жените и мажите, а не за она што ВМРО го кажа за СДСМ, Влен за ДУИ или Знам за Левица. Со други зборови, Милева е простор во кој секојдневните теми добиваат политичка димензија и се преиспитуваат низ еден процес кој е исчистен од морализирање и осудување. Во иднина се гледаме на истиот простор, со истите пристапи, но со нови форми и енергии.
Трн: Десницата е во подем. Можно ли е скоро консолидирање на левиот / либерален дел од политичкиот спектар во платформа која би понудила нов конзитентен светоглед?
Ирена: Апсолутно е можно, но само и единствено доколку левицата успее да замисли и креира нов хоризонт. Го живееме почетокот на крајот на „западната“ хегемонија и клучните принципи што ја одредуваат, како идејата за мултикултурализам, (нео)либерална демократија, глобален пазар и човекови права. Со други зборови, крајот на либерализмот. Истрошеноста на овие концепти, нивната недоволност вистински да уредат правични системи, како и растечката одбивност кон нив, која произлегува од оваа нивна неуспешност, е клучна одлика на денешниот свет. На либералната демократија денес можеме да гледаме како на изгубен хоризонт. Оттука, консолидацијата на левиот блок е возможна само преку раскрстување со политичкиот центар и изискува значајно поместување на либерализмот кон лево. Да не заборавиме, тоа веќе се случува со десницата, центар-десните блокови се веќе поместени неколку чекори кон десно.

Она штои отсекогаш сум го заговарала е поврзување на идентитетските политики со класната борба. Левицата е мрзелива и исклучива, таа ја подразбира борбата како или/или, односно или си „прав левичар“ кој се занимава единствено со класата или си „енџиоу левичар“ кој се занимава само со идентитетските прашања како прашањата на Ромите, жените, сексуалните малцинства итн. Оваа незрелост на левицата ја кошташе губење на светот. Се надевам дека освен епскиот пропаст левицата ќе почне да учи од сопствените грешки и да се охрабрува за замислува нови хоризонти и да ризикува да ги остварува.
Трн: Којa кафана има најдобра програма за 8ми Март и дали цените оваа година се прифатливи за стандардот на жените?
Ирена: Моја препорака за овој 8ми Март е следна- На улица, па во кафана! Оваа година 8мо мартовскиот марш многу позитивно ме изненади. Слоганот „Нека јадат ружи!’ е одличен, забавен и политички остар. Прогласот е политички моќен и релевантен. Особено сум горда и среќна што тоа е продукт на паметни, млади и нови девојки кои се вклучија во движењето и со себе ја донесоа нивната енергија и сила. Затоа верувам дека маршот ќе има токму онакво катарзично дејство какво што заговарав на почетокот на ова интервју. Така енергизирани можеме и требаме да прославиме како што сакаме и преферираме, во кафана или во клуб, на гости или дома. Лага е дека политиката мора да биде сериозна и тупаџиска. Политичкото значи и радосно и весело и смешно и славенички. Славењето и радувањето заедно, е радикален политички чин кој не смееме да го жртвуваме.