Лекари од Иран за BBC: Убиваат млади, мртовечниците се преполни

Медицински лица од неколку ирански болници сведочат за директни истрели врз млади демонстранти, додека здравствениот систем се наоѓа на работ на колапс.

Медицински персонал од неколку болници во Иран за BBC изјави дека здравствените установи се преплавени со загинати и тешко повредени демонстранти, додека антивладините протести продолжуваат да се шират низ земјата. Сведоштвата доаѓаат во услови на речиси целосна интернет-блокада и сериозни ограничувања за странските медиуми.

Еден медицинар од болница во Техеран опиша сцени на директни истрели во главите и градите на млади луѓе, додавајќи дека бројот на повредени бил толку голем што персоналот немал време ниту за основни реанимациски интервенции. Според неговото сведоштво, дел од жртвите починале веднаш по пристигнувањето во итната служба, а некои не успеале ниту да стигнат до болница.

Според изјави на медицински работници, мртовечниците во одделни болници биле целосно исполнети, поради што телата биле привремено сместувани во други простории. Се наведува дека најголемиот дел од загинатите и повредените биле млади лица, на возраст меѓу 20 и 25 години.

Слични информации пристигнуваат и од други делови на земјата. Медицински извори наведуваат дека во една болница надвор од главниот град биле донесени десетици тела, а поради недостиг на простор, телата биле изнесувани од установата. Според сведоштва пренесени од BBC Persian, на семејствата на загинатите наводно им биле поставувани дополнителни услови за да ги добијат телата за погреб.

Посебно алармантна е состојбата во специјализираните болници. Лекари изјавиле дека очните клиники во Техеран преминале во кризен режим, со целосна суспензија на редовните прегледи и операции, поради големиот број пациенти со прострелни повреди во пределот на очите и главата. Во други градови, медицински персонал предупредува дека нема доволно хирурзи за да се одговори на обемот на повреди.

Протестите, кои започнаа пред околу две недели поради економската состојба, се проширија во повеќе од сто градови. Организации за човекови права наведуваат дека има десетици загинати демонстранти и илјадници уапсени, додека властите тврдат дека меѓу жртвите има и припадници на безбедносните сили. Официјалните бројки значително се разликуваат од податоците на независните организации.

Известувањето од теренот останува отежнато, бидејќи Иран е под строги комуникациски ограничувања, а странските медиуми имаат ограничен или целосно забранет пристап. Сепак, видеа и сведоштва што стигнуваат до меѓународните медиуми укажуваат на сериозна ескалација и употреба на сила против демонстрантите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни