Израелскиот амбасадор во Хрватска, Гари Корен, ги повика Хрватска и другите европски држави да спроведат безбедносни проверки на персоналот во иранските дипломатски претставништва, предупредувајќи дека меѓу нив може да има припадници на Револуционерната гарда.
Во интервју за хрватската новинска агенција Хина, Корен изјави дека во повеќе ирански амбасади во Европа, според израелските проценки, има лица поврзани со Револуционерната гарда чија задача е собирање разузнавачки информации и поддршка на активности кои Израел ги поврзува со тероризам.
Тој препорача европските влади внимателно да го проверат персоналот во иранските дипломатски претставништва и да ја разгледаат можноста за поостри дипломатски мерки.
Корен истакна дека иранскиот режим, според неговите тврдења, има и таканаречени „спијачки ќелии“ во западните земји, наведувајќи дека слични случаи биле откриени и во Соединетите Американски Држави при обид за напад врз припадничка на иранската опозиција.
Израелскиот дипломат ја повика Хрватска целосно да ги прекине дипломатските односи со Техеран.
„Не само да го повлечете амбасадорот, туку и да ги затворите своите амбасади и да соопштите дека очекувате затворање на иранската амбасада во Загреб“, изјави Корен.
Амбасадорот не сакаше да ги коментира изјавите на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој претходно ја критикуваше израелската влада и ја суспендираше воената соработка меѓу Хрватска и Израел, нагласувајќи дека дипломатите не треба да се вмешуваат во внатрешната политика на земјата домаќин.