Иранската револуционерна гарда соопшти дека силите на земјата би можеле да водат интензивна војна против САД и Израел во траење од шест месеци.
Конфликтот влезе во втората недела, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ја продолжи војната против Иран „со сета своја моќ“, со план за отстранување на раководството на земјата. Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи беше убиен минатата недела во заеднички американско-израелски напади, предизвикувајќи регионален конфликт.
Шефот на иранската безбедност: Мислеа дека ќе биде како Венецуела
И покрај заканата, Револуционерната гарда соопшти дека силите на Исламската Република би можеле да водат „интензивна војна“ шест месеци со сегашното темпо на борбите. Портпаролот на гардата, Али Мохамад Наини, изјави дека Иран досега користел ракети од „прва и втора генерација“, но дека во наредните денови ќе користи „напредни и помалку користени ракети со долг дострел“.
Дека опсегот на војната се шири и дека Иран има способност да предизвика штета и жртви, покажа и фактот дека американскиот претседател Доналд Трамп присуствуваше на приемот на останките на шесте американски војници убиени во напад со беспилотни летала врз американската база во Кувајт минатата недела.
Шефот за безбедност на Иран, Али Лариџани, ја обвини администрацијата на Трамп дека се обидува да повтори сценарио слично на она во Венецуела, каде што беше соборен претседателот Николас Мадуро. „Нивната перцепција беше дека ќе биде како во Венецуела, ќе нападнат, ќе преземат контрола и ќе заврши, но сега се заробени“, рече тој во однапред снимено интервју емитувано на државната телевизија.