Иранска делегација вечерва треба да пристигне во Исламабад на разговори поврзани со актуелната криза меѓу Иран, САД и Израел, потврди иранскиот амбасадор во Пакистан Реза Амири Могадам. Според неговата објава, разговорите ќе се водат врз основа на иранска рамка од 10 точки.
Во исто време, Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп испраќа свој преговарачки тим во Пакистан, предводен од потпретседателот Џ.Д. Венс. Во делегацијата, според Вашингтон, ќе бидат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а првата рунда разговори е најавена за сабота.
Пакистан веќе потврди дека Иран ќе учествува на разговорите во Исламабад. Кабинетот на премиерот Шехбаз Шариф соопшти дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја потврдил подготвеноста на Техеран да влезе во процесот.
Разговорите се случуваат во момент кога прекинот на огнот останува кревок, а тензиите во регионот и натаму се високи. Светските медиуми објавија дека Исламабад воведува засилени безбедносни мерки и ограничувања пред доаѓањето на двете делегации.
Засега нема детали кој точно ќе биде составот на иранската делегација, ниту колку долго ќе траат разговорите. Но самото одржување на средбата во Исламабад веќе се гледа како обид дипломатски да се задржи под контрола кризата што во изминатите денови се закануваше да прерасне во поширок регионален судир.