Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, денеска остро реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дадени во неговиот говор за состојбата на нацијата, оценувајќи ги како неточни и манипулативни.
Багаеи ги отфрли тврдењата на Трамп дека САД со минатогодишниот напад во јуни го уништиле иранскиот нуклеарен програм, но дека Техеран повторно се обидува да развие нуклеарно оружје. Тој ги негираше и обвинувањата дека Иран веќе развил ракети што можат да ја загрозат Европа и САД, како и дека за време на неодамнешните протести биле убиени 32.000 лица.
„Повторувај ја лагата доволно често додека не стане вистина, пропагандна максима што ја смисли нацистот Јозеф Гебелс, денес систематски се користи од американската администрација и нејзините воени профитери, особено од, како што рече, ‘геноцидниот ционистички ентитет’, за да ја унапредат својата кампања на дезинформации против Иран“, напиша Багаеи.
Тој додаде дека обвинувањата за иранската нуклеарна програма, балистичките ракети и бројот на жртви за време на јануарските немири претставуваат „големи лаги“ и порача дека никој не треба да биде измамен од, како што ги нарече, очигледни невистини.
Изјавите доаѓаат во момент кога тензиите меѓу Техеран и Вашингтон повторно се засилуваат, особено по пораките на Трамп дека нема да дозволи Иран да поседува нуклеарно оружје.
Односите меѓу двете земји остануваат затегнати, а последната размена на обвинувања дополнително ја продлабочува дипломатската конфронтација.