Иран до Трамп: Ако сакате ескалација – подготвени сме

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи предупреди дека Иран нема да попушти под притисок и дека одговорноста за евентуално проширување на конфликтот ќе биде на САД.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи испрати остра порака до американскиот претседател Доналд Трамп, предупредувајќи дека Иран е подготвен за ескалација доколку САД продолжат со притисоците и нападите во регионот.

Според извештај на Би-Би-Си, Арагчи изјавил дека Трамп погрешно ја протолкувал неодамнешната изјава на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, во која тој се извини на соседните земји по нападите во регионот.

По таа изјава, Трамп објави дека Иран им се извинил на своите соседи на Блискиот Исток и ветил дека повеќе нема да ги напаѓа. На својата платформа Truth Social тој напиша дека тоа ветување дошло по „континуираните напади на САД и Израел“.

Сепак, Техеран возврати дека Иран останува доследен на својата стратегија и дека операциите и понатаму се насочени кон американските и израелските интереси во регионот.

„Отвореноста на претседателот Пезешкијан за деескалација, под услов воздушниот простор и територијата на соседните земји да не се користат за напади врз Иран, беше погрешно протолкувана од претседателот Трамп“, изјави Арагчи.

Тој предупреди дека доколку Вашингтон сака дополнително заострување на конфликтот, Иран е подготвен да одговори.

„Ако г-дин Трамп бара ескалација, тоа е токму она за што нашите вооружени сили долго време се подготвени“, рече Арагчи, додавајќи дека одговорноста за секое натамошно заострување ќе биде на американската администрација.

Иранскиот министер оцени дека војната веќе ја чинела американската армија околу 100 милијарди долари и предупреди дека економските последици на крајот ќе ги почувствуваат и американските граѓани, особено преку раст на цените на горивата.

Во својата изјава Арагчи упати и остри критики кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, тврдејќи дека Израел со години се обидува да ги вовлече САД во конфликт со Иран.

Според него, американските гласачи очекувале намалување на вмешаноста во долгите конфликти на Блискиот Исток, но наместо тоа добиле нова воена ескалација во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни