Фудбалскиот сојуз на Иран потврди дека води преговори со FIFA за можноста натпреварите од Светското првенство да ги игра надвор од САД, по изјавата на Доналд Трамп дека не може да гарантира безбедност за иранската репрезентација.
Од иранската амбасада во Мексико соопштија дека се разгледува опцијата натпреварите да се одиграат токму таму, но конечната одлука ќе ја донесе ФИФА, која веќе го има утврдено распоредот и локациите.
Неизвесноста околу настапот на Иран се зголеми по последните воени тензии и нападите од страна на САД и Израел, по што Трамп изјави дека иако иранската репрезентација е добредојдена, постојат сериозни безбедносни ризици.
Претседателот на Иранскиот фудбалски сојуз, Мехди Таџ, нагласи дека тимот нема да патува во САД доколку не се гарантира безбедност, додавајќи дека преговорите со ФИФА се насочени кон организација на натпреварите во Мексико.
Претходно, иранските власти најавија и можен бојкот на турнирот поради геополитичките случувања и жртвите од конфликтите, оценувајќи дека условите за учество не се соодветни.
Според актуелниот распоред, Иран треба да игра против Нов Зеланд, Белгија и Египет во јуни, на натпревари планирани на западниот брег на САД, но евентуалните промени ќе зависат од исходот на разговорите со ФИФА.