Над 2.500 мртви во Иран: масовен погреб во Техеран, САД предупредуваат на „силна акција“

Додека иранските власти најавуваат масовен погреб за 300 загинати во Техеран, организациите за човекови права тврдат дека вкупниот број жртви од протестите надминал 2.500. САД јавно ги поддржаа демонстрантите и предупредија на можни егзекуции.

Иранската државна телевизија соопшти дека денеска во Техеран ќе се одржи масовен погреб со 300 тела на припадници на безбедносните сили и цивили. Погребот се очекува да се одржи на Универзитетот во Техеран, под засилени безбедносни мерки, јавува Associated Press.

Во меѓувреме, американската организација Human Rights Activists News Agency, која го следи бројот на жртви од протестите, наведува дека убиени се повеќе од 2.550 луѓе. Според нивните податоци, меѓу загинатите има 2.403 демонстранти и 147 лица поврзани со властите, како и 12 деца и девет цивили за кои се тврди дека не учествувале во протестите. Истата организација наведува дека повеќе од 18.100 лица се приведени.

Associated Press посочува дека, поради прекините на комуникациите во Иран, не било можно независно да се потврдат овие бројки, што дополнително ја отежнува проценката на размерите на протестите и бројот на жртвите.

Реакција од САД

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика иранските демонстранти да продолжат со протестите, порачувајќи дека „помошта е на пат“. Тој воедно го предупреди Иран да не извршува егзекуции врз приведените демонстранти, најавувајќи дека САД ќе преземат „силна акција“ доколку дојде до таков развој.

Од U.S. State Department изразија загриженост дека еден од демонстрантите би можел да биде погубен уште денес, што дополнително ги засили меѓународните реакции.

Пораки од Техеран

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека Иран не сака војна со САД, но дека е „целосно подготвен“ за неа. Тој додаде дека земјата, по неодамнешниот 12-дневен конфликт, е воено поспремна од порано и дека нуклеарното знаење не може да се уништи со воздушни напади.

Во однос на протестите, Аракчи оцени дека тие се „нормални“ во систем кој, според него, се темели на волјата на народот, но предупреди и на, како што рече, елементи кои предизвикуваат насилство и немири.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни