Бројот на загинати во антивладините протести во Иран значително се зголеми и достигна најмалку 203 лица, објави Associated Press, повикувајќи се на податоци од американската организација Human Rights Activists News Agency (HRANA).
Според најновото ажурирање, од вкупниот број загинати, 162 се демонстранти, додека 41 лице се припадници на безбедносните сили. HRANA наведува дека во претходните извештаи било утврдено оти поголем дел од жртвите биле убиени со истрели од мала оддалеченост.
Во меѓувреме, иранските безбедносни сили употребиле солзавец и гумени куршуми против насобрани граѓани за време на погреб на убиени демонстранти на гробишта во Техеран, објави медиумот Iran International.
Инцидентот дополнително ги зголеми тензиите во земјата, каде протестите продолжуваат со зголемен интензитет, а извештаите за употреба на сила против цивили стануваат сè почести.
