Министерот за надворешни работи на Иран призна дека нуклеарните постројки на Иран претрпеле „значајна и сериозна“ штета во неодамнешните напади на САД и Израел. Абас Арагчи изјави за државната телевизија дека Организацијата за атомска енергија на Иран во моментов ја проценува степенот на штетата.
Но, само неколку часа претходно, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи изјави дека нападите не ја попречиле нуклеарната програма на Иран. Со тоа, тој одговори на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека три нуклеарни постројки биле „целосно уништени“ од бомбардирањето. Хамнеи тврди дека нападите не „постигнале ништо значајно“.
>> Ајатолах Хамнеи: Трамп го преувеличува нападот, но случајно открил вистина
Врховниот лидер, кој се крие откако започна војната со Израел на 13 јуни, го обвини Трамп дека ги „преувеличува“ ефектите од бомбардирањето и дека прогласува победа над САД и Израел. Но, изјавите на Арагчи прикажуваат поинаква слика.
Министерот, исто така, рече дека Иран во моментов нема планови да ги продолжи разговорите со САД. Шестата рунда разговори беше закажана, но беа откажани откако Израел започна напади. „Сакам јасно да ставам до знаење дека не е постигнат никаков договор, не е договорено никакво решение и не е водена никаква дискусија за започнување нови разговори“, рече тој.
Тој додаде дека владата разгледува што е во „најдобар интерес на иранскиот народ“ и најави дека нејзиниот дипломатски пристап ќе биде „преобликуван“. Не прецизираше што точно мисли.
Планот на Трамп за преговори
За да го врати Иран на преговарачка маса, Трамп наводно размислува да му даде пристап до 30 милијарди долари за развој на цивилна нуклеарна програма, а потоа делумно да ги укине санкциите и да ослободи милијарди долари ирански средства кои моментално се блокирани, објави Си-Ен-Ен. Но, случувањата во Техеран би можеле да го спречат сето тоа.
Во среда, иранскиот парламент усвои закон со кој се прекинува соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Доколку законот стапи на сила, на инспекторите повеќе нема да им биде дозволен пристап до нуклеарните постројки на Иран. Израел соопшти дека започнал офанзива против Иран за да ги спречи неговите наводни планови за развој на нуклеарно оружје. Иран, од друга страна, инсистира дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за цивилни цели.
САД се вклучија директно во конфликтот минатиот викенд, со напади врз објекти во Фордо, Натанц и Исфахан, по што Трамп се обиде да посредува во примирје меѓу Израел и Иран. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет рече дека американските и израелските разузнавачки служби покажале дека нападите „сериозно ја оштетиле нуклеарната програма на Иран и ја вратиле неколку години назад“.
Но, според прелиминарната проценка на Пентагон што беше објавена во јавноста, штетата сè уште не е толку голема – според таа анализа, програмата била забавена само за неколку месеци. Администрацијата веднаш ја отфрли таа проценка.
Разузнавачките информации од европските влади ги побиваат тврдењата на Трамп
Првичните разузнавачки информации добиени од европските влади сугерираат дека резервите на високо збогатен ураниум на Иран останале во голема мера недопрени по американските напади врз големите нуклеарни постројки, изјавија вчера двајца функционери.
>> Разузнавачките информации од европските влади за Иран целосно ги побиваат тврдењата на Трамп
Според информациите, залиха од 408 килограми ураниум збогатен речиси до нивото потребно за производство на нуклеарно оружје не се наоѓала во Фордо, еден од двата клучни објекти за збогатување на Иран, во времето на нападот од минатата недела. Материјалот, како што е наведено, претходно бил дистрибуиран на неколку локации.
Истите извори рекоа дека европските влади сè уште чекаат детален разузнавачки извештај за вистинската големина на штетата во Фордоу, објект изграден длабоко под планина во близина на светиот град Ком. Една рана проценка вели дека штетата е „обемна, но не и целосна – структурата не е уништена“.
Иранските власти соопштија дека залихите од ураниум биле преместени пред бомбардирањето на САД, кое следеше по неколкудневните израелски напади врз цели во Иран.