Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека преговорите со САД повеќе не се опција по американско-израелската воена операција против Иран. Во интервју за PBS NewsHour, Арагчи посочи дека не очекува разговорите со Вашингтон повторно да се најдат на дневен ред.
Изјавата доаѓа кратко по именувањето на новиот врховен лидер на Иран. Мојтаба Хамнеи, син на покојниот ајатолах Али Хамнеи, беше назначен за негов наследник повеќе од една недела откако неговиот татко беше убиен во израелски напад.
Арагчи изјави дека е „прерано“ новиот лидер да коментира за можни разговори со САД, бидејќи сè уште не се огласил јавно во новата функција.
„Сите ги очекуваме неговите говори и ставови. Но не мислам дека прашањето за разговори или нови преговори со Американците ќе биде на маса, бидејќи имаме многу горчливо искуство со нив“, рече Арагчи.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела побара „безусловна предавање“ од Иран, додека Белата куќа соопшти дека конфликтот ќе заврши кога Техеран повеќе нема да претставува закана за САД.
Политички пораки
Трамп претходно го критикуваше изборот на Мојтаба Хамнеи за нов врховен лидер, оценувајќи го како „неприфатлив“ и како „голема грешка“.
Од иранска страна, пак, Арагчи истакна дека назначувањето на Хамнеи испраќа порака за „континуитет и стабилност“.
Тој потсети и на минатогодишните преговори за иранската нуклеарна програма, по кои САД бомбардираа три ирански нуклеарни постројки.
Според Арагчи, за време на последната рунда разговори во февруари американската страна уверувала дека нема намера да изврши напад.
Последици врз енергетскиот пазар
Во меѓувреме, конфликтот на Блискиот Исток предизвикува нарушувања во производството и транспортот на нафта, што доведе до раст на цените на горивата.
Во САД цената на бензинот достигна просек од 3,48 долари за галон, што претставува зголемување од околу 17 проценти од почетокот на американско-израелските напади на 28 февруари.
Арагчи, сепак, негираше дека Иран намерно ја користи глобалната зависност од нафта како средство за притисок.
„Тоа не е наша вина. Транспортот на нафта е забавен или запрен поради нападите на Израел и САД. Тие ја направија целата регија небезбедна“, изјави тој.
Иран предупреди дека има право на одбрана и дека, доколку САД извршат напад врз иранска територија, Техеран ќе возврати со напади врз американските бази и интереси во регионот.
Според Арагчи, таквиот развој на настаните би можел дополнително да го прошири конфликтот на целиот Блиски Исток.