Иран предупредува: Нафтата може да достигне 200 долари по барел

Иран предупреди дека цената на нафтата може да скокне до 200 долари по барел поради војната со САД и Израел и блокадата на Ормутскиот теснец, низ кој поминува околу петтина од светската нафта.

Иран предупреди дека цената на нафтата може да скокне до 200 долари по барел додека продолжува војната со Соединетите Американски Држави и Израел, а блокадата на Ормутскиот теснец и новите напади врз трговски бродови дополнително ги зголемуваат стравувањата од глобален енергетски шок.

„Подгответе се нафтата да достигне 200 долари по барел, бидејќи цената на нафтата зависи од регионалната безбедност која вие ја дестабилизиравте“, изјави Ебрахим Золфакари, портпарол на иранската воена команда, во порака упатена до САД.

Во меѓувреме, Иран изведе нови напади врз Израел и цели низ Блискиот Исток, покажувајќи дека и понатаму има капацитет да возврати и да ги наруши енергетските текови, и покрај, како што тврди Пентагон, најинтензивните американско-израелски напади досега.

Ормутскиот теснец и понатаму блокиран

Иако цените на нафтата по краткиот скок на почетокот на неделата паднаа од речиси 120 на околу 90 долари по барел, пазарите и натаму остануваат напнати. Инвеститорите засега сметаат дека американскиот претседател Доналд Трамп наскоро ќе се обиде да ја заврши војната и повторно да ја отвори пловидбата низ Ормутскиот теснец.

Но на терен нема знаци на смирување. Низ теснецот, долж иранскиот брег, вообичаено поминува околу петтина од светската нафта и течен природен гас, а пловидбата и натаму е сериозно загрозена — што претставува најголемо нарушување на енергетските текови од нафтените шокови во 1970-тите.

Три нови трговски бродови биле погодени во Персискиот Залив од непознати проектили, според агенциите што ја следат поморската безбедност. Со тоа бројот на оштетени или нападнати бродови од почетокот на војната се зголеми на 14.

Екипажот на товарен брод под тајландско знаме е евакуиран по експлозија и пожар, додека штета е пријавена и на контејнерски брод под јапонско знаме и на товарен брод под знаме на Маршалските Острови.

Закани кон банки и можен одговор на IEA

Золфакари по ноќниот напад врз канцеларии на една банка во Техеран предупреди дека Иран би можел да таргетира и банки кои работат со САД или Израел. На граѓаните низ Блискиот Исток им порача да се држат најмалку 1.000 метри подалеку од банките.

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергија (IEA) подготвува предлог за ослободување на дури 400 милиони барели од глобалните стратешки резерви — што би бил рекорден потег. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека тоа би покрило само околу три недели од нормалниот проток на нафта низ Хормушкиот теснец.

Војна без јасен крај

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека операцијата против Иран ќе трае „без временско ограничување“, сè додека не се постигнат сите цели.

Според Reuters, израелски официјални лица приватно признаваат дека иранскиот режим можеби сепак може да ја преживее војната, додека нема знаци дека Вашингтон е блиску до нејзино завршување.

Колку подолго трае конфликтот, толку е поголем ризикот за глобалната економија. Доколку војната заврши со опстанок на иранскиот систем, Техеран речиси сигурно ќе го прогласи тоа за победа — со цена што ќе ја почувствува целиот свет, од енергетските пазари до цените на горивата и транспортот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни