Иран ќе ги нападне американските воени бази на Блискиот Исток доколку Соединетите Американски Држави извршат напад врз иранска територија, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи. Тој нагласи дека ваквиот потег не би требало да се толкува како напад врз земјите-домаќини на базите, туку исклучиво како одговор кон САД.
Во интервју за Al Jazeera, Аракчи зборуваше ден по најавата дека Техеран и Вашингтон ќе продолжат со индиректните нуклеарни преговори во Оман, кои двете страни ги оценија како позитивни. Иако датумот за следната рунда разговори сè уште не е прецизиран, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тие би можеле да се одржат веќе на почетокот на наредната недела.
Напнатоста меѓу двете земји ескалира поради зголеменото американско воено присуство во регионот и барањата на Вашингтон Иран да се откаже од обогатувањето ураниум, развојот на балистички ракети и поддршката на вооружени групи во регионот. Техеран, пак, упорно негира дека има намера да развива нуклеарно оружје.
И покрај сигналите за продолжување на дијалогот, Аракчи јасно стави до знаење дека Иран нема намера да разговара за теми надвор од нуклеарното прашање. „Секој дијалог бара воздржаност од закани и притисоци. Разговараме само за нуклеарното прашање – за ништо друго“, порача тој.
Иранскиот министер потсети и на претходните случувања, кога по израелско-американските напади врз ирански цели, Техеран возврати со ракетен напад врз американска база во Катар. Според него, и во случај на нов напад, одговорот би бил сличен.
„Не можеме да го погодиме американското тло, но можеме и ќе ги погодиме нивните бази во регионот. Тоа не е напад врз соседните држави, туку јасно насочен одговор кон САД“, истакна Аракчи.
Иран воедно бара меѓународно признавање на своето право на обогатување ураниум, тврдејќи дека откажувањето од ракетниот програм би ја направило земјата ранлива на потенцијални напади.
