Иранскиот амбасадор во Обединетите нации Амир Саид Иравани ги нарече израелските напади врз неговата земја „варварски и криминални“ за време на обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, на седница свикана на барање на Техеран.
Според него, нападите биле насочени не само кон нуклеарни капацитети, туку и кон цивилна инфраструктура и станбени згради, при што загинале 78 лица, а над 320 се повредени, од кои огромното мнозинство се цивили.
Иравани ги опиша нападите како „ладнокрвно извршена и намерна агресија“ и ги обвини САД за соучесништво, тврдејќи дека обезбедиле „помош и средства“ за извршување на „злосторствата“.
– Нема да заборавиме дека нашиот народ ги загуби животите поради израелски напади со американско оружје, рече тој, повикувајќи го Советот за безбедност да ги осуди нападите и да го повика Израел на одговорност.
Иранскиот амбасадор дополнително изјави дека неговата земја ќе одговори „цврсто, законски и пропорционално“ на израелските акции, кои, според него, биле извршени со „целосна разузнавачка и политичка поддршка од САД“. Тој посочи дека нападите, во кои беа убиени високи воени функционери, нуклеарни научници и цивили, претставуваат „не само незаконски, туку и нечесни дејствија“, кои се косат со статутот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Женевската конвенција.
„Одговорот на Иран ќе биде во согласност со членот 51 од Повелбата на ОН и ќе има за цел враќање на одвратната моќ, одбрана на суверенитетот и заштита на меѓународното право“, нагласи Иравани, додавајќи дека Техеран ќе дејствува решително за да ја заштити својата земја.