Нов бран на народен гнев се разгорува во Иран, откако јавноста сè поотворено се соочува со размерите на насилството врз демонстрантите во јануари. И покрај заканите од одмазда и масовните апсења, отпорот се шири низ универзитетите, болниците, училиштата и дури на погреби и комеморации, јавува The Wall Street Journal.
Според сведоштва од терен, семејствата на убиените, студентите и здравствените работници организираат протести, седенки и симболични акции на непослушност. Дел од нив се одвиваат тивко, но со силна порака – од одбивање да се пее државната химна во училиштата, до јавно отстранување на плакати со ликот на врховниот лидер Али Хамнеи.
Погребите како нова сцена на протест
Во повеќе ирански градови, погребите и комеморациите за загинатите демонстранти се претворија во места за јавно изразување гнев. Студенти во Машхад, Табриз и Шираз одржаа собири во чест на убиените колеги, при што извикуваа пароли против режимот. Дел од протестите беа документирани со видеоснимки чиешто потекло го потврди Storyful.
Во исто време, медицински факултети и болници стануваат нови жаришта на отпор. Лекари и медицински сестри протестираат поради апсењата на нивни колеги кои им пружале помош на повредени демонстранти. Според ирански извори, вооружени лица во цивилна облека упаѓале во болници и приведувале ранети лица директно од болничките кревети.
Масовни апсења и спротивставени бројки
Организацијата Human Rights Activists in Iran наведува дека од почетокот на протестите се убиени околу 7.000 луѓе, а повеќе од 50.000 се уапсени. Иранските власти, пак, признаваат околу 3.000 загинати и неколку стотици приведени, кои државните медиуми ги опишуваат како „изгредници“ или „терористи“.
Притисокот врз режимот доаѓа и од внатре. Поранешниот премиер Мир Хосеин Мусави, кој со години е во куќен притвор, јавно порача дека Исламската Република не може да се реформира и дека единствен излез е нејзино заменување со систем што ќе ја врати власта кај народот.
Отстапки што не го гасат незадоволството
Соочени со растечка јавна реакција, властите најавија ограничени отстапки како ослободување на поединечни демонстранти со кауција и дозволување жени да добиваат возачки дозволи за мотоцикли. Сепак, овие потези не се сметаат за доволни.
Трговците од Големиот базар во Техеран веќе повикаа на нови протести на 17 и 18 февруари, кога завршува традиционалниот 40-дневен период на жалост за убиените во јануарските немири. Според нивната порака, целта е „сеќавање на жртвите и продолжување на националниот бунт“.
