Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Саид Хатибзаде, изјави дека Ормускиот теснец е отворен за пловидба, нагласувајќи дека земјата останува посветена на мирот на Блискиот Исток, но и натаму е скептична кон „другата страна“.
„Ормускиот теснец е отворен. Секој цивилен брод може да помине, но со насоки од иранските власти. Тоа е неопходно бидејќи, како дел од овој конфликт, Иран го минираше овој клучен пловен пат, а мините сè уште се присутни“, изјави тој за ITV.
Тој додаде дека иранските власти располагаат со прецизни мапи и координати кои овозможуваат безбеден премин за бродовите.
Контролата врз теснецот – клучен фактор во кризата
Иранските медиуми наведуваат дека контролата врз Ормускиот теснец за време на војната предизвикала глобална енергетска и економска криза. Ограничениот проток на бродови бил еден од факторите поради кои САД прифатиле да влезат во преговори.
Според Хатибзаде, отвореноста на теснецот претставува најголема предност на Иран и клучен елемент за постигнување примирје. Сепак, тој предупреди дека доколку САД и Израел не ги прифатат главните барања на Техеран, теснецот може повторно да биде затворен. „Пловидбата е можна само со согласност од Иран, без оглед што теснецот е формално отворен“, истакна тој.
Либан – нова точка на судир
Клучен дел од иранските барања е и воспоставување прекин на огнот во Либан. Нов бран израелски напади, во кои загинале околу 200 лица, сериозно го довел во прашање 14-дневното примирје. „Имам многу причини да бидам скептичен за намерите на другата страна. Гледаме дека Израел ги крши договорите – сериозни прекршувања се случуваат токму сега во Либан“, рече Хатибзаде.
Критики кон Велика Британија
Иранскиот функционер упати критики и кон Обединетото Кралство, обвинувајќи дека Лондон учествува во конфликтот преку обезбедување инфраструктура за американските напади. Според него, британските бази биле користени од страна на американски бомбардери B-2 Spirit за напади врз Иран. „Нелогично е една земја да тврди дека не е дел од војната, а истовремено да обезбедува цела инфраструктура за офанзивни операции“, изјави тој.
Од друга страна, британската влада инсистира дека дозволата за користење на базите од страна на САД била исклучиво за одбранбени операции. „Но, во очите на Иран, нема разлика меѓу одбранбени и офанзивни дејствија“, заклучи Хатибзаде, пренесува Танјуг.