Иран го одби американскиот план за прекин на војната и истовремено ги засили нападите врз Израел и земјите од Заливот. Техеран порача дека крајот на конфликтот ќе го одреди сам, а не Вашингтон, и предложи сопствени услови, вклучувајќи репарации и контрола врз Ормутскиот теснец.
Иранските власти преку државните медиуми соопштија дека го одбиле предлогот на САД, кој според извори опфаќал ублажување на санкциите, ограничување на нуклеарната програма и рестрикции за ракетите.
Во исто време, Техеран ги засили нападите во регионот, вклучително и акции што предизвикаа сериозни инциденти во Заливот, што дополнително ја зголеми тензијата.
Американскиот план, според медијаторите, бил „сеопфатен договор“ кој требало да доведе до прекин на војната и стабилизација на регионот. Сепак, Иран излезе со сопствен контрапредлог во пет точки, меѓу кои барање за репарации, гаранции дека нема да има нови напади и задржување на контролата врз Ормутскиот теснец, клучен коридор за глобалното снабдување со нафта.
Од Вашингтон засега не откриваат детали за контактите, но потврдуваат дека преговори се водат. Можно е тие да продолжат и со директни разговори во наредните денови, со посредство на трети земји.
Сепак, шансите за договор се мали. Иран отворено изразува недоверба кон САД, повикувајќи се на претходни воени акции, додека Израел најавува дека ќе продолжи со операциите против иранското раководство.