Иран е подготвен да направи нови отстапки во нуклеарната програма доколку САД ги укинат санкциите и го признаат правото на Техеран за мирољубиво збогатување на ураниум, изјавил висок ирански претставник за Ројтерс.
Според изворот, Техеран размислува да испрати половина од највисоко збогатениот ураниум во странство, да го разреди остатокот и да учествува во создавање регионален конзорциум за збогатување. За возврат, Иран очекува укинување на економските санкции и официјално признавање на правото на „мирно нуклеарно збогатување“.
Преговорите меѓу двете страни беа обновени овој месец, во услови на зголемено американско воено присуство на Блискиот Исток. Иако разговорите покажале длабоки разлики, иранскиот претставник оценил дека „постои можност за постигнување привремен договор“.
Вашингтон бара целосно ограничување на збогатувањето ураниум, како и предавање на залихите на високо збогатен ураниум. Според Меѓународната агенција за атомска енергија, Иран располага со повеќе од 440 килограми ураниум збогатен до 60 проценти.
Иран, пак, инсистира дека неговата програма има исклучиво мирољубива цел и сигнализира подготвеност за засилен надзор од страна на МААЕ.
Во меѓувреме, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф најави нова средба со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Женева оваа недела, додека претседателот Доналд Трамп повторно спомена можност за ограничени воени удари доколку дипломатијата не донесе резултат.
Двете страни остануваат поделени околу обемот и динамиката на укинување на санкциите, но сигналите за нови отстапки укажуваат дека дипломатскиот канал сè уште е отворен.