Иран започнал напади врз нафтени постројки во Саудиска Арабија, а меѓу погодените цели е и објект на компанијата Сауди Арамко во Рас Танура, јавуваат регионални медиуми. Според првичните информации, нападот бил извршен со дронови од типот „Шахед“.
Набргу по нападот, рафинеријата во рамки на комплексот привремено ја запрела работата, објави Скај њуз Арабија. Работниците биле евакуирани од постројките по дојавите за ирански напад.
Рас Танура се смета за едно од најважните енергетски средишта во светот. Лоциран на источниот брег на Саудиска Арабија, овој терминал претставува главна точка за извоз на сурова нафта, со огромен капацитет за преработка и транспорт кон Азија, Европа и САД. Комплексот опфаќа еден од најголемите нафтени терминали и рафинериски капацитети на глобално ниво и со децении е клучна алка во светските енергетски текови.
Поради неговата стратешка улога во снабдувањето со сурова нафта и деривати, секое нарушување на операциите во Рас Танура може да има сериозни последици врз глобалниот пазар на енергенси.
Доколку прекинот на работата продолжи, можно е да следуваат ценовни турбуленции на нафтените берзи, особено во услови на зголемени геополитички тензии во регионот.