Десетици брани се речиси пресушени, а милиони жители може да останат без вода во рок од неколку недели, пренесува Вашингтон пост.
Иако екстремната суша, рекордно ниските врнежи и петгодишниот недостиг од дожд ја туркаат земјата до самиот раб, експертите посочуваат дека корените на кризата се во децении лоши државни политики кои ги исцрпиле водните ресурси во име на самодоволност во производство на храна.
Политики што ја исцрпија водата
Со години државата ги стимулирала земјоделците да садат водоинтензивни култури како ориз и јаболка, гарантирајќи откуп и нудејќи евтини заеми и субвенционирани ѓубрива. Паралелно, властите дозволувале масовно дупчење на бунари – и легално и нелегално – што довело до драматично празнење на подземните води.
Површината на наводнуваното земјоделско земјиште од Исламската револуција до денес речиси се удвоила, достигнувајќи повеќе од 22 милиони хектари.
„Владата го продаде својот природен капитал – водата, плодноста на почвата и отпорноста – за краткорочни резултати“, вели Нима Шокри, директор на Институтот за геохидроинформатика во Хамбург.
Земјоделството како „погрешен спас“
Земјоделството во Иран вработува околу една четвртина од активното население – последица на економска изолација и западни санкции кои го попречија развојот на индустријата и услугите.
„Ние го уништуваме околината и ги трошиме правата на идните генерации од политички причини“, предупредува поранешниот министер за земјоделство Иса Калантари.
Страхувањата од зависност од светските пазари, кои со децении ги промовираат иранските верски лидери, доведоа до агресивна внатрешна политика на „отпор“, во која водата се троши за одржување работни места во земјоделството.
„Ова е санкционирана економија во режим на отпор. Кога не можете да создавате работни места во индустријата, не можете да го одвоите економскиот развој од водата“, објаснува експертот за води Кавех Мадани.
Суша од историски размери
Климатските промени ја влошија состојбата. Паднале 83% помалку врнежи од вообичаено, а најмалку 32 брани се под 5% од капацитетот.
„Никогаш во поновата историја не сме имале суша од оваа големина и траење“, вели Мадани.
Но, сушата е само катализатор на поголемиот проблем – дека годишната потрошувачка на вода веќе одамна ги надминува обновливите водни ресурси. Иран е меѓу државите што најбрзо ги губат подземните води, додека земјиштето тоне и станува сè посалено.
Полињата пресушуваат, бунарите сè подлабоки
Многу земјоделци веќе не можат да опстанат. Семејството на Сајад, кое одгледува јаболки и грозје под планините Загрос, останало без вода по пресушувањето на бунарот што го ископале со државни стимулации. Оваа година целата берба им пропаднала – плодовите се мали и неупотребливи.
Во северниот Иран, кој традиционално е водно побогат, состојбата исто така се влошува. Во некои региони, водата што порано се наоѓала на 25–30 метри длабочина, денес е достапна само на над 150 метри.
„Сите шепотат дека за две или три години воопшто нема да има вода“, вели еден земјоделец.
Кризата го притиска режимот
Иранската влада досега е двоумлива околу промени во земјоделските политики, но притисокот расте – и од јавноста и од реалноста на терен. Сè поголем број експерти предупредуваат дека природата ќе ја наметне корекцијата ако државата не го стори тоа.
Предлогот за евакуација на Техеран и можната преселба на главниот град е досега најдраматично признание дека кризата ја надминува способноста на институциите да се справат со неа.
Ситуацијата се развива, а Иран е пред историска одлука – дали ќе се соочи со реалноста или ќе дозволи водната криза да прерасне во хуманитарна катастрофа со глобални последици.
Извор: Index.hr
