Иран ја потврди смртта на Али Лариџани: „Неговото убиство ќе донесе национално будење“

Осумнаесетти ден од конфликтот на Блискиот Исток меѓу САД и Израел против Иран го одбележаа нови жестоки напади. Израелски воздушни удари го погодија Бејрут, додека израелската војска соопшти дека започнала нови напади врз иранската престолнина Техеран.

Ракетни и дронски напади продолжуваат низ регионот на Персискиот Залив, при што Катар, Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати и Кувајт пријавија пресретнувања.

Американскиот претседател Доналд Трамп побарал одложување на планираната посета на Пекинг и средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг поради војната во Иран.

Во меѓувреме, во Бахреин се огласиле сирени за тревога, а Министерството за внатрешни работи ги повикало граѓаните да се засолнат на безбедно место. Иран од 28 февруари изведува ракетни и дронски напади врз земјите од Заливот како одговор на нападите од САД и Израел.

Исламска револуционерна гарда реагираше на потврдата за атентатот врз Али Лариџани, нарекувајќи го „истакната личност, мислител и револуционерен политичар“. Во соопштението се наведува дека „чистата крв на овој голем шехид ќе биде извор на гордост, сила и национално будење“.

Иран официјално ја потврди смртта на Лариџани, кој беше еден од клучните луѓе за националната безбедност. Со децении тој важеше за умерено и прагматично лице на иранскиот естаблишмент – човек кој пишувал книги за германскиот филозоф Имануел Кант и учествувал во нуклеарни преговори со Западот.

Според иранските власти, Лариџани бил убиен во израелски напад во Техеран рано наутро, заедно со неговиот син и советник.

Се очекува привремено да го замени Саид Џалили, поранешен секретар на Советот за национална безбедност, додека новиот врховен лидер Мојтаба Хамнеи не именува нови членови. Лариџани претходно бил назначен од поранешниот врховен лидер Али Хамнеи.

Врховниот совет за национална безбедност соопшти дека Лариџани „по живот посветен на Иран и Исламската револуција, го достигнал степенот на шехид“.

Ситуацијата во регионот останува крајно напната, додека конфликтот продолжува да се шири и да ги вклучува клучните енергетски и безбедносни точки на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни