Бродови што пловат низ Ормутскиот теснец примаат пораки од Иранската револуционерна гарда во кои се наведува дека „ниеден брод нема дозвола да помине низ Ормутскиот теснец“. Ова го изјави претставник на поморската мисија на Европската унија „Аспидес“, пренесува Ројтерс.
Ормутскиот теснец е една од најважните светски рути за извоз на нафта. Тој ги поврзува најголемите производители на нафта во Персискиот Залив – меѓу кои се Саудиска Арабија, Иран, Ирак и Обединетите Арапски Емирати – со Оманскиот Залив и Арапското Море.
Истиот претставник посочи дека Иран сè уште официјално не потврдил дека издал таква наредба. Сепак, Техеран со години наназад се заканува со можност за блокада на овој тесен морски премин, наведувајќи го тоа како потенцијална одмазда во случај на напад врз земјата.
Ормутскиот теснец е стратешка точка низ која минува значителен дел од светската нафта, па секоја закана за негово затворање може да има сериозни последици врз глобалното снабдување и цените на енергенсите.