Колапс на банкарскиот систем и воена реторика: тензиите во Иран дополнително се заоструваат

Поради целосната интернет-блокада, трансферите на пари и хуманитарната помош се парализирани, додека Техеран порачува дека е „подготвен за војна“, а меѓународниот притисок расте.

Продлабочувањето на немирите во Иран доведе до сериозен колапс на финансиските и комуникациските системи во земјата, откако властите воведоа целосна блокада на интернетот која трае веќе четврти ден.

Компанија од Обединетото Кралство, која овозможува трансфер на пари за приватни и хуманитарни цели кон Иран, ги суспендираше сите операции. Нејзиниот директор, кој побара анонимност поради безбедноста на клиентите, за BBC изјави дека не може да стапи во контакт со своите тимови во Иран и дека „ниту интерните сервери повеќе не функционираат“.

„Гасењето е толку сериозно што дури ни банкарскиот систем не работи“, предупреди тој, додавајќи дека услугата била клучна за испраќање пари за лични и хуманитарни потреби. Како пример наведе итно барање од Црвен крст за доставување готовина во нивната канцеларија во Техеран – барање кое не можело да биде исполнето поради целосната парализа.

Паралелно со економската и комуникациската блокада, расте и воената реторика. Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Арагчи изјави дека Техеран не планира превентивен напад, но дека е „целосно подготвен за војна“ доколку биде нападнат. Неговата изјава следи по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави дека Вашингтон разгледува „многу силни опции“ по извештаите за убиени демонстранти.

Обраќајќи се пред странски амбасадори во Техеран, Арагчи оцени дека немирите прераснале во, како што рече, „терористички операции“, бранејќи ја одлуката за целосна интернет-блокада и најавувајќи дека ограничувањата ќе продолжат „додека не исчезнат заканите“. Воедно, тој порача дека Иран останува отворен за разговори, но само под „чесни, достоинствени и рамноправни услови“.

Во меѓувреме, меѓународните реакции стануваат сè поостри. Канада јавно го осуди насилството и убиствата на демонстранти, порачувајќи дека стои „со храбриот народ на Иран“ и барајќи од режимот да ги почитува човековите права.

Внатре во земјата, иранската полиција почна да испраќа СМС-пораки до родителите во Техеран, предупредувајќи ги да ги држат своите деца подалеку од протестите. Во пораките, демонстрантите се опишуваат како „терористички групи“, а семејствата се повикуваат да спречат учество на малолетници.

Протестите во Иран започнаа на 28 декември и брзо се проширија низ целата земја, поттикнати од длабоката економска криза, падот на националната валута и растечкото незадоволство од владејачкиот режим. Со блокирани комуникации, парализиран банкарски систем и засилена воена реторика, кризата влегува во нова, поопасна фаза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни