Иранските власти го уапсија Мехди Махмудијан, еден од сценаристите на филмот It Was Just an Accident, само неколку недели пред доделувањето на Оскарите. Апсењето се случи во Техеран, а засега не се соопштени официјални обвиненија против него.
Претставници на филмот потврдија дека Махмудијан бил приведен во саботата, неколку дена откако бил меѓу 17-те потписници на јавно писмо со кое се осудува врховниот лидер Али Хамнеи и насилното задушување на протестите во земјата. Во писмото, властите се обвинуваат за „масовно и систематско убивање на граѓани“ и за државно организирано насилство.
Режисерот Џафар Панахи, автор на филмот и долгогодишен критичар на иранскиот режим, јавно го осуди апсењето на својот соработник. Во изјава објавена во неделата, Панахи го опиша Махмудијан како „затвореник на совеста и ретко морално присуство“, чиј глас е важен и внатре и надвор од затворските ѕидови.
Панахи откри дека со Махмудијан разговарал телефонски само 48 часа пред апсењето. Кога сценаристот не одговорил на порака испратена рано наутро, режисерот се посомневал дека нешто не е во ред. Подоцна истиот ден, BBC Persian потврди дека Махмудијан, заедно со активистите Вида Рабани и Абдулах Момени, бил приведен од безбедносните служби.
Филм роден зад решетки
„It Was Just an Accident“ е номиниран за најдобро оригинално сценарио и најдобар меѓународен филм на овогодинешните Оскари, чија церемонија е закажана за 15 март. Филмот, кој е снимен тајно во Иран и е поднесен од Франција, ја освои Златната палма на Канскиот фестивал во 2025 година.
Панахи го запознал Махмудијан за време на еден од неговите затворски престои. По седум месеци поминати заедно во затвор, режисерот почнал да го пишува сценариото и го вклучил Махмудијан како соработник за дијалозите, токму поради неговото лично искуство со иранскиот правосуден и затворски систем. Сценариото е напишано заедно со Надер Саивер и Шадмер Растин.
Апсењето доаѓа во период на засилена репресија врз критичарите на власта во Иран. Според податоци на ирански организации за човекови права со седиште во странство, илјадници луѓе биле убиени или приведени за време на задушувањето на протестите – бројки што не можат независно да се потврдат поради ограничениот пристап до информации. Панахи, кој и самиот е осуден во отсуство за „пропаганда против системот“, повеќепати предупреди дека културните и уметничките гласови стануваат прва мета кога режимот се соочува со внатрешен отпор.
