Американските воени сили и Израел ќе бидат „легитимни цели“ во случај на напад од САД, порачаа ирански државни функционери.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, изјави дека САД и Израел ќе бидат цели доколку Америка го нападне Иран, додавајќи дека Техеран нема да чека на првиот удар.
Заканите беа упатени за време на бурната парламентарна седница, среде скандирања „Смрт за Америка“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази поддршка за демонстрантите и рече дека САД се „подготвени да помогнат“, додека американските медиуми објавија дека му биле презентирани воени опции за напад врз Иран, иако конечната одлука сè уште не е донесена.
Инаку во Иран 13ти ден по ред траат масовни насилни протести против власта, а тамошните медиуми објавуваат дека се убиени најмалку 70 лица, додека илјадници демонстранти се приведени и претепани.
Иранското обвинителство неколку пати повтори дека демонстраните ги чека смртна казна ако се докаже дека уништувале државен имот.
