Иран и Ирак водат разговори за овозможување транзит на ирачки нафтени танкери низ Ормутскиот теснец, изјави ирачкиот министер за нафта Хајан Абдул-Гани.
„Постојат комуникации со Иран за дозволување поминување на дел од ирачките танкери“, изјави министерот, пренесуваат државните медиуми во Ирак.
Поради конфликтот во регионот, производството на нафта во Ирак е значително намалено – од 4,3 милиони барели дневно пред војната на околу 1,2 милиони барели дневно во моментов.
Паралелно, земјата се обидува да го обнови извозот преку нафтоводот Киркук–Џејхан кон Турција, како алтернативна рута за снабдување.
Ормутскиот теснец, низ кој поминува околу 20 проценти од светската нафта, е практично затворен откако Иран воведе блокада како одговор на американско-израелските напади кон крајот на февруари.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека ограничувањата важат за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници, додека дел од танкерите од други земји сепак поминуваат низ теснецот.
Податоците за следење на бродови покажуваат дека танкер наменет за Пакистан поминал низ теснецот за време на викендот, а американски претставници тврдат дека и некои индиски, кинески и ирански танкери успеале да го преминат.
Во меѓувреме, европските земји одбија да испратат воени бродови за обезбедување на теснецот, и покрај притисокот од САД.
Преговорите меѓу Иран и Ирак би можеле да влијаат врз стабилизацијата на снабдувањето со нафта, но ситуацијата останува неизвесна поради тензиите во регионот.