Сите, освен еден од 20 најзагадени градови во светот минатата година, се во Азија, покажува новото истражување. Повеќето од тие градови или вкупно 13 се наоѓаат во најмногу населената земја на светот, Индија, каде економскиот раст се поттикнува во голема мера со користење на јаглен и каде стотици милиони луѓе живеат во пренатрупани мегаградови.
Други четири града на листата се во соседниот Пакистан, а по еден во Кина и Казахстан.
Единствениот град надвор од Азија што се наоѓа на списокот е Н’џамена, главниот град на Чад во Централна Африка – кој беше прогласен за земја со најлошо загадување на воздухот.
Од друга страна, сите градови со најлошо загадување во Северна Америка се во Калифорнија.

Извештајот на IQAir, швајцарската компанија која го следи глобалниот квалитет на воздухот, посебно се фокусира на фини честички или PM2,5, еден од најмалите, но најопасните загадувачи. PM2,5 потекнува од извори како што се согорување на фосилни горива, бури со прашина и шумски пожари. Овие честички се толку мали – 1/20 од ширината на човечката коса – што можат да преминат преку вообичаената одбрана на вашето тело и да стигнат до белите дробови или крвотокот.
Честичките PM2,5 предизвикуваат иритирање и воспаление и се поврзуваат со респираторни проблеми и хронични болести на бубрезите. Изложеноста може да предизвика рак, мозочен удар или срцев удар и е поврзана со поголем ризик од депресија и анксиозност.
Светската здравствена организација (СЗО) вели дека просечните годишни нивоа на PM2,5 не треба да ги надминат 5 микрограми по кубен метар.
Бирнихат, индустриски град во североисточна Индија, забележал концентрација на PM2,5 од 128,2 минатата година – 25 пати повеќе од стандардите на СЗО.

Главниот град на Индија, Њу Делхи, веќе шеста година по ред е најзагадениот главен град на светот, со концентрација на PM2,5 од 91,8. Извештајот исто така наведува шест други градови – Фаридабад, Лони, Делхи, Гурграм, Нојда и Грејтер Нојда – кои ја формираат листата. Но, во целост, Индија – најмногу населената нација на светот со 1,4 милијарди луѓе, падна од трето на петто место во споредба со претходната година, според извештајот.
Во него се вели дека загадувањето на воздухот „се уште претставува значителен здравствен ризик… намалувајќи го очекуваниот животен век за 5,2 години“.
Соседите на Индија, Бангладеш и Пакистан – заедно дом за околу 400 милиони луѓе, се втора и трета најзагадена земја во светот според молекулите на PM2,5.
Кина која некогаш доминираше на глобалната листа на најлош воздух на светот, забележа мал напредок, се вели во извештајот. Нејзината национална годишна концентрација на PM2,5 се намали од 32,5 микрограми по кубен метар на 31, со подобрување на квалитетот на воздухот во големите градови како што се Пекинг, Шангај, Ченгду, Гуангџоу и Шенжен.
Кина е најголемиот светски емитер на јаглероден диоксид, но последните години води кампања против загадувањето на воздухот, особено во градовите кои го поттикнале нејзиниот економски раст, и поттикнала голема експанзија на соларната енергија и енергијата на ветерот.
Сите 20 најзагадени светски градови минатата година го преминаа прагот на насоките на Светската здравствена организација за PM2,5 повеќе од 10 пати, покажал извештајот на IQAir.
„Загадувањето на воздухот останува критична закана и за човечкото здравје и за стабилноста на животната средина, но голема популација сè уште не е свесна за нивните нивоа на изложеност“, рече Франк Хамес, глобален извршен директор на IQAir.

Иран и Авганистан не беа вклучени во извештајот оваа година поради недостаток на податоци.
Следењето на квалитетот на воздухот во Југоисточна Азија исто така е проблем, бидејќи речиси сите земји имаат „значајни недостатоци во иницијативите што ги водат владите“, се вели во извештајот. Во 2024 година, 173 од 392 градови во регионот немале владини станици за следење, додека Камбоџа немала ниедна, се вели во извештајот.
Тие проблеми веројатно ќе се влошат откако САД минатиот месец објавија дека ќе престанат да ги споделуваат податоците за квалитетот на воздухот собрани од нивните амбасади и конзулати низ целиот свет поради „ограничувања на финансирањето“, извести Асошиетед Прес.
Само 17% од 8.954 градови кои беа глобално анализирани од IQAir забележале квалитет на воздухот што ги исполнува насоките на СЗО за загадување, се вели во извештајот.
Градовите со најлошо загадување на воздухот во Северна Америка беа Онтарио, Блумингтон и Хантингтон Парк – сите во Калифорнија.
Општо земено, САД забележале значително намалување на нивото на PM2,5 минатата година, при што годишниот просек падна за 22% во однос на 2023 година.