Во среда, на 4 јуни во 19:00 часот на Архитектонскиот факултет – Скопје се одржа промоција на монографијата “Slavko Brezoski – The Pioneer of Macedonian Modernism in Brasília“ и отварање на истоимената изложба посветена на еден од најзначајните македонски модерни архитекти на 20 век и автор на југословенската амбасада во Бразилија.
Настанот го отвори ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, која говореше за значењето на делото на Славко Брезоски во македонската култура. Потоа на публиката ѝ се обрати проф. д-р Ана Ивановска – Дескова, една од рецензентите на монографијата, која ја истакна важноста на истражувањето зад проектот.
Изложбата свечено ја отвори архитектката Билјана Гуческа – внука на архитект Славко Брезоски, со емотивно навраќање кон неговите архитектонски размисли.Авторите на монографијата и изложбата, проф. д-р Анета Христова-Поповска и проф. д-р Мери Батакоја го модерираа настанот и изразија искрена благодарност, доделувајќи примероци од монографијата со посвети за сите поддржувачи и соработници на проектот.
Настанот го посетија бројни членови на академски и културни институции, професори, студенти, како и членовите на семејството на архитект Славко Брезоски.
Изданието, објавено на англиски јазик, е наменето за поширока академска публика и претставува значаен чекор во интернационалната афирмација на македонската архитектура.