Нападите врз Дубаи и растечките тензии на Блискиот Исток ги поттикнаа дел од богатите инвеститори од Азија да почнат да размислуваат за префрлање на својата имовина во други финансиски центри, објавува Reuters.
Само неколку дена по првите ирански ракетни и беспилотни напади врз Дубаи минатата недела, двајца индиски бизнисмени се обиделе да префрлат повеќе од 100.000 долари од своите банкарски сметки во Обединетите Арапски Емирати на сметки во Сингапур, за да се заштитат од потенцијални ризици.
Поради технички проблеми поврзани со нападите, трансферот првично не бил успешен. Сепак, еден од инвеститорите подоцна успеал да ја префрли сумата преку друга банка во Емиратите.
Според советници и адвокати од финансиската индустрија, сè повеќе богати инвеститори од Азија се распрашуваат за слични чекори или веќе започнале со префрлање на дел од својата имовина во финансиски центри како Сингапур и Хонг Конг.
Во последните години Дубаи се позиционираше како едно од најатрактивните деловни и финансиски центри за богати семејства и претприемачи од Азија, особено од Кина. Поволните даночни политики, растот на пазарот на недвижности и развиената инфраструктура го направија Заливот привлечна инвестициона дестинација.
Но, нападите врз Дубаи и Абу Даби ја разнишаа репутацијата на Обединетите Арапски Емирати како стабилна и сигурна финансиска средина.
Адвокатот за управување со приватно богатство со седиште во Сингапур, Рајан Лин, изјави дека оваа недела бил контактиран од шест или седум негови клиенти од Дубаи, од кои секој располага со просечна имовина од околу 50 милиони долари. Тројца од нив веќе планираат итно префрлање на дел од капиталот во Сингапур.
Ирис Ксу, директорка во глобалната компанија за корпоративни и фондовски услуги Anderson Global, изјави дека меѓу 10 и 20 семејни инвестициски канцеларии оваа недела побарале информации за префрлање на имотот од Блискиот Исток назад во Сингапур поради страв дека конфликтот може да се прошири.
Сепак, не сите инвеститори реагираат на ист начин. Дел од управителите на богатство велат дека засега не забележуваат масовен одлив на капитал.
Извршниот директор на WRISE Private Middle East, Друба Џјоти Сенгупта, изјави дека нивните клиенти засега остануваат уверени во долгорочната стабилност на Обединетите Арапски Емирати.
Гувернерот на Централната банка на ОАЕ, Халед Мохамед Балама, изјави дека банкарскиот и финансискиот систем во земјата останува стабилен и дека институциите функционираат нормално.
Во меѓувреме, големите сингапурски финансиски институции како Bank of Singapore и DBS Group наведуваат дека нивните клиенти внимателно ја следат ситуацијата, но засега најчесто се одлучуваат за пристап „чекање и набљудување“.