Во својата книга „Оние работи: Есеи за женската сексуалност“, хрватската авторка, драматург и теоретичар Јасна Јасна Жмак се зафаќа со теми што долго биле прогласувани за „приватни“, „срамни“ или едноставно — забранети. Во ова интервју, таа говори за почетоците на книгата, политичноста на интимното, табуата околу женската сексуалност на Балканот и за тоа зошто слободата започнува со надминување на срамот. Со препознатливата комбинација на аналитичност, интимност и феминистичка јасност, Жмак ги расветлува механизмите на патријархатот и потребата женските искуства да проговорат гласно, отворено и без извинување.

Трн: Што беше почетната искра да ја напишеш оваа книга? Лична потреба, истражување или општествена фрустрација поради табуата?
Јасна: Сето наведено! Всушност, најголем поттик ми беа текстовите објавени на феминистичкиот портал MUF – тоа беше првото место кај нас каде што се појавија современи феминистички текстови кои се занимаваат со теми што инаку се речиси невидливи во јавниот простор, а истовремено комбинираат интимен и политички пристап, кои се и поетични и аналитички, јасно ангажирани и искрено ранливи. Се сеќавам на возбудата со која го дочекував секој нов текст на тој портал, а потоа со време сфатив дека има работи што и јас би сакала да ги кажам на сличен начин, теми за кои би сакала да пишувам… и така со време го напишав првиот, па вториот, третиот, петтиот текст за MUF, а по некое време се создаде и целата книга.
Трн: Како гледаш на влијанието на културните норми врз тоа како жените го доживуваат сопственото тело? И зошто женската сексуалност и денес е скандализирана?
Јасна: Како што пишувам и во книгата, женската сексуалност и понатаму е заробена во онаа „стара, добра“ дихотомија светицa–курва, што значи дека женските тела секогаш се или премалку или претерано. Истото важи и за нашата сексуалност, од една страна, наизглед живееме во општество на големи сексуални слободи, преплавени сме со сексуализирани пораки, за сексот се зборува во јавност како никогаш досега; но од друга страна, сексуалноста и понатаму е опколена со моралистички пораки, забрани и незнаење. Кога на тоа ќе го додадеме и патријархатот, не треба да чуди што во современото општество е толку тешко да се избориме за непосреден, опуштен и слободен однос со сопственото тело.

Трн: Што значи „слобода“ за една жена во контекст на телото и сексуалноста?
Јасна: Мислам дека е тешко да се зборува генерално, бидејќи секоја жена носи свој сет искуства и интернализирани пораки кои влијаат врз нејзината неслобода. Но пред сè, ми се чини дека слободата стои спротивно на срамот, срамот е првата линија на неслобода со која треба да се соочиме на патот кон поискрен однос со сопственото тело и сексуалност. Живееме во општество во кое секое отстапување од нормата е силно санкционирано и негативно конотирано, и колку и да се зборува јавно за сексуалноста, се зборува на многу ограничени начини. Во таква средина сексуалноста лесно станува извор на срам кој стои на патот кон уживањето и препуштањето.
Трн: Кога интимното го изнесуваме во јавен простор, дали тоа станува чин на отпор или чин на самоослободување?
Јасна: Мислам дека може да биде и едното и другото, но може да биде и многу повеќе. Нашиот јавен простор денес, од одредена перспектива, е и презаситен со интимата, но таа интимност често е пласирана на начин кој не е ниту ослободувачки ниту субверзивен, туку честопати експлоататорски и комерцијализиран. Затоа изнесувањето на интимата не треба автоматски да се изедначи со отпор или ослободување. Ако зборувам за мојата работа тоа за мене дефинитивно е вид отпор кон патријархатот, но и вид самоафирмација; важно ми е таа интимност секогаш да биде придружена со одредена доза (само)критичност и општествена рефлексија. За мене, едното без другото не оди.
Трн: Дали веруваш дека табуата се одржуваат намерно како механизам на контрола?
Јасна: Се разбира, така функционира патријархатот. Незнаење, табуизирање, скандализирање, посрамување, замолчување, санкционирање, тоа се негови проверени механизми кои обезбедуваат неслобода, кои го одржуваат постојниот поредок и другоста на жените и другите родови и сексуални малцинства.

Трн: Зошто мислите дека женската сексуалност и покрај децении на феминистички движења и денес се доживува како нешто опасно, скандалозно или „претерано“?
Јасна: Одговорот е едноставен поради патријархатот. Колку и да се зајакна феминизмот и колку и да ги зајакна жените, толку многу работа ни останува. Структурите на моќ едноставно не паѓаат преку ноќ. Освен тоа, мислам дека мажите се голема слепа точка на феминизмот – дека феминизмот мора да почне да се занимава и со нив, бидејќи еманципацијата од патријархатот не е потребна само за жените, потребна е за сите.
Трн: Што повеќе го плаши општеството: жена која има сексуалност или жена која зборува за својата сексуалност?
Јасна: И двете!
Трн: Како драматург и сценарист, дали пишувањето есеи за вас беше ослободувачко или ограничувачко?
Иако формално сум образована како драматургина, во културата работев навистина најразлични работи и всушност во полето на книжевноста авторски настапив многу порано отколку во театарот – првата книга раскази „Moja ti“ ми излезе во 2015 година. И потоа многу пишував, не само за театар и филм – пишував и критички текстови, завршив докторски труд, работев многу интервјуа… така што излегувањето од драматуршката улога не ми е непознато. А сите тие различни форми и улоги ги гледам како меѓусебно надополнувачки; мислам дека се збогатуваат една со друга, а мене ми овозможуваат различни перспективи и ширина на погледот и искуството.
Трн: Активни сте во феминистичката култура и теорија. Како го гледаш на статусот на женските гласови во современата книжевност?
Лично го гледам многу подобро од статусот на машките гласови во современата книжевност, иако сум свесна дека тоа не е баш реалната состојба. Но понекогаш, подраго ми е да живеам во таква реалност.
8
