Концерт на француската музичарка Софиа Џебел Роуз, во организација на Канал 103 ќе се одржи вечер со почеток во 21 часот во Ла Кања. Настанот е дел од серијалот „Нова пролет“, со кој култното радио одбележува 34 години постоење.
Софиа Џебел Роуз, позната по својот уникатен музички израз што ги спојува шансона, мрачна фолк атмосфера и авангардна поетика, ќе настапи во Скопје како дел од нејзината европска турнеја. Со новиот албум Sécheresse, таа нуди интимно и бунтовно музичко доживување, инспирирано од природата, љубовта, смртта и слободата.
Нејзиниот звук често се споредува со имиња како Catherine Ribeiro, PJ Harvey и Marissa Nadler, а публиката во Скопје веќе ја памети по настапите со дуото An Eagle in Your Mind, вклучително и концертот во скопскиот планетариум во 2018 година.