Во време кога независната сцена сè потешко наоѓа простор и поддршка, театарската претстава „Душан“ претставува храбар и значаен чекор напред – уметничка соработка меѓу Македонија и Србија, родена од желбата за искрен израз, социјален ангажман и интимна приказна.
Режисерката Ана Пинтер, драматургот Калија Киселички и продуцентот Дино Чупевски, заедно со актерската екипа, го оживуваат животот на поетот Душан Васиљев низ форма која не само што го руши класичниот театарски формат, туку и самата дефиниција на војната – претставена како немост, вина и тишина, а не само како сцена на конфликт.

Во ова интервју Пинтер, Киселички и Чупевски ни откриваат зошто токму „Мистерија Душан Васиљев“ е драмата што го покрена овој копродукциски процес, како изгледа да се создава театар во нетипичен простор, и зошто независната сцена е повик за одговорност, а не само уметничка авантура.

Во претставата играат: Александар Стоименовски, Васко Костовски, Нина Елзесер и Ивица Димитријевиќ

Премиерните изведби во Скопје ќе се одржат на 13ти и 14ти август во куќата на The Dude Specialty Coffee на ул. Апостол Гусларот бр. 16
во Скопје со почеток од 21 часот, по што на истата локација ќе следат регуларни изведби во септември, а понатаму и гостувања во Белград. Билетите се достапни во сосема ограничен број преку
веб-страницата: https://drugastrana.mk/event/dusan/

Трн: Што ве привлече кон драмата „Мистерија Душан Васиљев“ и зошто одлучивте токму оваа приказна да ја адаптирате за македонската сцена?
Ана Пинтер: Иако драмата, да речам, ме пронајде мене, а не јас неа, морам да истакнам дека е навистина реткост да се добие можност да се режира современо дело, и тоа од млада драмска писателка. Самиот текст ја доживеа својата праизведба минатата година, по повод стогодишнината од смртта на поетот Душан Васиљев, во Битеф театарот во Белград. Тоа е драма потоната во длабоки историски факти, и прекрасно беше да се види како Дуња Матиќ го користела својот несомнен поетски талент не со цел да нѐ задуши со некакви си наводни факти, туку напротив, да нѐ возбуди, насмее, трогне, а понекогаш и навреди – со сосема прецизно одбрани сценски случувања, по кои, гледачот не треба да се чувствува попаметен, туку повеќе жив. Иако е драмата сместена во многу конкретно историско време, делото носи извесна универзалност, и Калија Киселички, како драматург, успеа со хируршка прецизност токму таа линија на идејата да ја истакне. Нејзиното присуство во процесот за мене беше од огромна помош, а и големо уживање беше да се гледа со каква леснотија ги решава наизглед нерешливите драматуршки предизвици.
Мене и мојот одличен авторски тим, меѓудругото, нѐ привлече и прашањето што може еден уметник да направи со одредено трауматично искуство, но на начин што нема да ја експлоатира ниту трагедијата, ниту жртвите, туку достоинствено ќе создаде спомен на нешто што како човештво не смееме да го повториме.
Овие теми, по мое мислење, ги надминуваат политичките, географските и културните граници и им се обраќаат на човечкото срце и стомак, на емоцијата и интуицијата.

Трн: Како се разви соработката помеѓу уметниците од Македонија и Србија во овој проект? Со какви предизвици и убавини се соочивте?
Дино Чупевски: Оваа меѓугранична соработка е само уште еден согледлив резултат на соживотот и споделените реалности коишто ги имаме ние во Македонија и колегите во Србија, но и пошироко во постјугословенскиот хоризонт, особено во контекст на уметничкото создавање. Тоа е нешто прекрасно и видливо со децении наназад, (вон)институционално и се одразува на сите уметнички дисциплини, како што би можел да проценам. Конкретно, колективот доживеа разни предизвици и убавини, коишто несомнено се искусуваат на сосема друго ниво, во случај како овој, кога формите на заедништво се силни и неприкосновени.

Трн: Каде се’ ќе се игра претставата. Кажете ни нешто повеќе за нејзиниот пат до публиката?
Дино Чупевски: Природата на овој проект придонесе кон дополнителен слој на дисеминација, што ги вклучува премиерните изведби на 13ти и 14ти август, со понатамошни изведби во септември, а дополнително, и во налик станбен простор во Белград, со цел досегнување кон пошироки публики и зголемена афирмација на сите вклучени чинители. А пак, доколку се осврнам на патот помеѓу иницирањето на проектот и финализирање на претставата, знае да биде впечатливо како мешавина на приватни и професионални контексти може да влијае кон здружување на културни дејци коишто неуморно и понатаму остануваат дел од предизвикувачката независна уметничка сцена во регионов.

Трн: Претставата е реализирана во вон институционален контекст. Што значи тоа за слободата на уметничкиот израз, но и за продукциските услови?
Калија Киселички: Немаме сигурност, но немаме ни окови. Таму кадешто институцијата го амортизира ризикот, независниот простор го радикализира. Работиме без однапред зададени правила, а тоа е најчиста форма на слобода. Независната сцена што опстанува без системска поддршка заслужува повеќе од
внимание – заслужува сериозно признавање во културниот и општествениот контекст.

Трн: Како ја деконструирате војната преку односите меѓу ликовите, наместо преку директно прикажување на конфликти?
Калија Киселички: Војната денес ја консумираме како слика која ја претвора смртта во визуелен фрагмент што брзо исчезнува во медиумскиот циклус. Голтаме бројки, без да се задушиме. Во „ДУШАН“ се обидовме да го одбегнеме токму тоа, но секако, не успеавме. Наместо експлицитни сцени на насилство, ја
пренесуваме војната во односите меѓу луѓето: во тишината, во вината, во неможноста да се живее и продолжи нормално. На публиката повторно ѝ даваме нова форма на слика, уште едно нешто што може да се прегледа и заборави. Сите сме дел од механизмот на претворање хорор во приказна којашто може лесно да се проголта.

Трн: Претставата се игра во специфичен амбиент – куќа на ул. Апостол Гусларот. Како просторот влијаеше врз режисерската и сценската поставка?
Ана Пинтер: Често режирам во простори кои не се типично сценски, а неретко имам можност на лице место да ја адаптирам својата претстава што првично била создавана за на сцена, во некоја нетеатарска, амбиентална целина. Тоа за мене секогаш претставува возбудлив предизвик, начин да се промислат
просторот, како и движењата на телото во него. Театарот, како зграда и како случување, е силно условен од театарските конвенции. Кога се создава театарска претстава во вонсценски простор, тогаш и тие конвенции се разнишани. Тогаш изведувачите и публиката полесно можат да воспостават нови, необични односи, во тој нестабилен, привремен топос, кадешто нештата мора да се сокриваат и откриваат без помошта на театарскиот мрак, кој инаку владее повеќе во гледалиштето отколку на сцената.
Текстот не се спротивстави на ова решение. Драмата е напишана камерно, има само неколку ликови, и никогаш повеќе од двајца на сцена во ист момент.
Текстот е многу интимен, прикажува односи внатре во семејството и помеѓу пријатели. Самата куќа е исполнета со интересни предмети, кои во процесот ги третиравме како зададени реквизити, и заедно мечтаевме за начините на кои може да се искористат. Ја искористивме и околноста на нетеатарскиот амбиент за да си поиграме со метатеатарски пристап кон нашата претстава – експлицитно потсетувајќи ја публиката, одвреме-навреме, дека тоа што го сведочат е само театар. За мене секогаш е интересно прашањето: што е тоа што му дава на театарот својство на театар?

Трн: Каква е вашата визија за иднината на ваквите независни, копродуцирани проекти на регионално ниво?
Дино Чупевски: Да бидам искрен, претставата „Душан“ од досегашните 5 театарски продукции на Атриум, е прва како таква, што се здоби со соодветно поддржување во спој од неколку ентитети, кон коишто би упатил благодарност,македонското Министерство за култура и туризам, Канцеларијата за регионална младинска соработка (RYCO), пријателите од The Dude и Пивара Скопје, што придонесoa кон одржлива финансиска конструкција за продукција на една претстава. Процесов како доживеана реалност, дополнително укажува на потребата за сѐ повеќе регионални копродукции, здружувања и поддршка, што ми се чини, само позитивно би се одразиле кон развојот во рамки на секоја уметничка дисциплина, би ја поттикнале препознатливоста на секој чинител поединечно, и воедно, би ја интегрирале публиката во уште поширок контекст, со цел негување на интересот за независните сцени.

Трн: Што би сакале публиката да понесе со себе откако ќе ја погледне претставата?
Калија Киселички: Кои сме ние да ѝ даваме на публиката поука? Самата претстава е едно заедничко сведочење. Би сакала гледачите да си заминат дома со прашања на кои нема одговор, бидејќи токму во таа неможност лежи тежината на делото
фото Надица Манева Ангелова