Никола Наумоски, активист, некогашен дел од администрацијата на градот и иден хроничат на Скопје, зборува за болките на градот, пропуштените шанси, урбаните битки и надежта која уште не згаснала. Во интервју за Трн, Наумоски зборува за тоа што би направил доколку утре стане градоначалник, зошто проектот БРТ не смее да падне во вода, како СК2014 остави трауми врз урбаното ткиво, и зошто единството на прогресивните сили е уште само далечна желба. Од споменикот на Ќосето, до мостовите над Вардар и солзите на Груевски. Ова интервју е урбана хроника на едно Скопје што се обидува да не потоне.

Трн: Ако во моментов со супер моќ би бил избран за нов градоначалник на Скопје, кои се трите работи на кои веднаш би се насочил?
Никола: БРТ е проект кој што како Скопјани би биле луди да го пропуштиме по вторпат. Сработен е проектот, изоден е пат од неколку години, обезбедено е финансирање и подготвена јавната набавка. Скопјани навистина би можеле да имаат нов брз, еколошки и точен јавен превоз за 2-3 години, а најдоброто од сето тоа е што нема да го платат тие, туку ќе биде исплатен од буџетот на државата.
Секако, со БРТ доаѓаше и еден проепратен проект – а тоа е претворањето на Мал Ринг во пешачка зона, проект кој Скопјани го бараат со децении и кој полека се остварува со разните пешачки зони кои конечно требаше да бидат поврзани со воведувањето на БРТ по ул. Димитрие Чуповски.
Отворањето на двата моста на Вардар може да е предизвик за најдобрата менаџерка во Европа кој што не може да го сработи ни за четири години, но првиот човек на улица да го најдете ќе ви ги отвори за два месеци. Тие мостови многу ќе помогнат за поврзувањето на градот. Луѓето често размислуваат низ призмата на автомобилските гужви и колку овие мостови ќе помогнат, но не се ни свесни какво подобрување ќе биде тоа за пешаците, велосипедистите, а најмногу за корисниците на новите линии на јавниот превоз кој што ќе вози по овие мостови. Изградени се на места каде со километри немаше мостови, ќе го направат градот многу поповрзан, ќе отворат нови фронтови за градба и нови содржини околу кејот и реката.
Трн: Која е најголемата болка на Скопје според тебе и зошто?
Никола: СК2014 е непоправлива штета врз лицето на градот, маска која што е тешко да се симне, дури и да се сака. А, велам „дури и да се сака“ бидејќи во јавноста на прсти можат да се избројат луѓето кои заговараат отстранување. Штетноста на материјалната критика на СК2014 која што беше доминантна во времето на неговото градење (нерационалното трошење и корупцијата), направи противниците на проектот да престанат да се бават со него откако се смени владата на Груевски, бидејќи тендерите запреа, а со тоа и обвинувањата за грабежот со стиропор и мермер.
Но, никој веќе не се бави со штетноста врз животната средина на проектот, безбедноста, прескапото одржување, нарушувањето на вистинското кулутнрно наследство, јавните простори, или простата нефункционалност на изградените објекти. Триумфалната порта има повеќе светилки отколку посетители годишно, а ние и натаму одбиваме да размислуваме за рушење и плаќаме дебели суми за нејзино одржување. Меѓутоа, не сме алергични на рушење кога гледаме насекаде околу нас како се рушат објекти кои не биле заштитени, а требало, од семејни куќи, до згради и саеми.

Трн: Можат ли Скопјани да зборуваат за единство и конструктивно незадоволство денес или?
Никола: Мислам дека уште не е дојдено времето за тоа. Живееме во шизофрено време кога сѐ изгледа наопаку. ЗХГ и Левица повикуваат на протести против градската администрација во која што се коалициски партнери веќе четири години. Наместо да предводат некој од ресорите кој што се бави со загадувањето и животната средина, за да можат да решаваат прашања како денес актуелната депонија Вардариште, тие одбраа да раководат со Лајка и неколку културни институции. И лошо раководеа патем. Иако имаа повеќе советници од ДУИ, ГРОМ и Алтернатива, тие сепак земаа помал и помалку важен дел од колачот, и сега протестираат против нешто што можеа да го превенираат ако раководеа со градската инспекција, комунална хигиена, зеленило или Дрисла. Да потсетам, Левица гласаше за поставување на споменикот на Ќосето откако еднаш веќе беше тргнат. Треба ли да зборуваме колку шизофрено е тоа?
Стевче Јакимовски по петти пат се кандидира за Градоначалник со поддршка на партијата која што еднаш веќе ја напушти, откако четвртиот мандат го истера во коалиција со друга партија која што исто така веќе еднаш ја напушти. Бившите советници на Данела Арсовска сега се кандидати на независни листи, хабитуалните окупирачи на јавниот простор сега се зелени кандидати…
Скопјани денес сркаат од попарата која што си/им ја надробија пред четири години и се чини дека немаат намера да го сменат менито и на овие избори. Прогресивните сили се далеку од обединети, тие не се обединети ни во идеите и вредностите, а не пак во начините на борба (партија или инцијатива или листа…). Кога идејното приближување ќе се случи, тогаш ќе можеме да зборуваме за единство и конструктивно незадоволство.
Трн: Што е автентично Скопје за тебе?
Никола: Многу градови имаат тврдина, мост, река, чаршија, убав парк, или планина до градот какви што имаме ние. Некои се постари, некои поголеми, помали, подобро или полошо одржани, но Скопје е град како речиси сите други во тој поглед.
Она што го прави најоригинален е токму земјотресот и постземјотресната обнова. Архитектонските стилови кои доминирале со светската архитектура во периодот се оние кои доминираат денес и во Скопје, особено Брутализмот. Дури и после елдорадото наречено СК2014, денес Скопје има повеќе бруталистички од барокни објекти. За квалитативната споредба не правиме муабет. Сѐ повеќе туристи, студенти, истражувачи, новинари доаѓаат во Скопје да се интересираат за оваа страна од скопската историја и мислам дека тоа го сочинува неговиот најавтентичен лик.

Трн: Го гледаш Скопје како град заглавен во минатото или град кој се гуши, но ќе се избори да се дефинира преку иднината?
Никола: Не би требало да размислуваме во конечности. Градот ќе преживее бидејќи преживеал многу полошо и ќе си ги решава проблемите како што ќе си доаѓаат. Понекогаш ни фали историска перспектива за да сфатиме во кој период на развојот на градот живееме. Да, некои проблеми како Вардариште се тука повеќе од 30 години, но во тој период Скопје реши, или подобри, многу други прашања, па и во смисла на дивите депонии и справувањето со отпадот. Пред 30 години Скопје немаше проектирана депонија, атмосферска канализација надвор од центарот, имаше петпати помалку булевари, пет мостови помалку, помалку светилки, помалку одржувано зеленило, ниту една кладилница или улично казино…
Што ќе му се случува на Скопје зависи од нас самите, дали ќе одиме три напред, две назад, или обратно. Изминативе години со грозење гледав како објективно добрите намери и проекти за животната средина се здружно масакрирани од сите страни – леви, десни и зелени. Еден еколошки проект како БРТ беше запрен од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗХГ во Советот на Градот. Истото се случи и со претпријатието кое што градот го основа за да управува со парното и гасот во домовите. Сега Мицковски најавува дека повторно ќе ја дава Дрисла на јавно-приватно партнерство, откако градот се изнамачи да ја врати назад при последната криминална продажба на профитабилната градска депонија. И никој не се вознемирува премногу за тоа. Некои паметни градови учат после една грешка, нас ни се потребни по неколку изгледа…
Трн: Што те тера да останеш, а што да посакаш да си заминеш од Скопје?
Никола: Животот во Скопје може да биде многу убав. За мене најнеподносливо во Скопје е екстремното време во зима и лето и единствено тогаш посакувам да си заминам привремено од градот.

Трн: Која ти е омилена иницијатива за градот во која си учествувал и ти дала надеж дека може да никне градот убав?
Никола: ГТЦ беше неколкугодишна иницијатива која што процвета со референдумот во 2015 и која што обедини многу други активисти и инцијативи и успеа да ја придобие општината на своја страна за со референдум да го заштити еден од најважните објекти во Скопје. Иако референдумот беше неуспешен заради бојкотот на власта која што побегна од мегданот со активистите, сепак огромниот одзив не можеше да биде игнориран и барокизацијата беше запрена.
Мало но посебно задоволство причинуваат солзите на Никола Груевски што ги лее од Будимпешта при секое појавување на ГТЦ во вестите со некаков проблем. Потсетувајќи во своите постови на ФБ како во светот моловите биле затворени, и како историските стилови се сега модерни во светот, тој само кажува дека тој бил оној кој стоел зад проектот, како и на кукавичкиот бојкот, и дека му е незапирлива болка што не успеал да го уништи и ГТЦ, откако го уништи целиот центар на градот.