Бојан Шашевски Шаше: Ми недостасува фокус на егзистенцијалните проблеми на граѓаните

Пуштете ТВ, како прво ќе видите дека премиерот посетил некоја држава на билатералка, наместо за блокадата на реката Дошница, или за недостатокот на вода. Дополнително, наместо да нудиме мегдан за крв и препукувања, како медиумска заедница да го свртиме светилникот кон реалните потреби за воздух, почва, отпад, здравствени и социјални права, пристап до образование. Во 2025 година има деца што не можат да стигнат до училиште, а годишно ни умираат по 4.000 луѓе од аерозагадување. Затоа сè повеќе верувам во принципот на директна демократија, односно враќање на довербата во сограѓаните, на блискоста со нив и нивниот потенцијал.

Бојан Шашевски Шаше припаѓа на групата инспиративни ликови од Скопје кои се важни за неговиот дух и прогресивност. Работи како новинар повеќе од 15 години, покривал многу значајни настани за градот и земјата. Младите го препознаваат како верен поддржувач на независната сцена и култура. Неговата неуморност, упорност и професионалност се потврдени со повеќе награди, но она што е уште поважно е дека Шашевски со неговата работа инспирира други кои во иднина сакаат да се занимаваат со новинарство, култура и хуманистика.

Tрн: Да се биде новинар кој активно следи култура е навистина реткост во земјава, но е поважно од кога било. Која е мотивацијата редовно низ годиниве да пишуваш и посветено известуваш за свирки, изложби, концерти и збиднувања на младите во државава?

Ајде малку назад, за да одиме напред. Културата, заедно со образованието и животната средина, отсекогаш ми биле „светото тројство“. Тие ги влечкам со мене уште од стартот на 2010 година, кога како чирак влегов во редакцијата на „Утрински весник“. Тогаш меѓу колегите како новиот „копиљ“ почнав со „Скопска рубрика“ со локални иницијативи, што се случува во маалата, нашите улици, пазари, школи, фабриките што нè загадуваат… Па сѐ до следење свирки на гаражни бендови, протестите на маргиналците или на локалците кои бараа парк наместо паркинг. Добив претстава за она наше социо-културно „пркнување“. Колку сме способни, колку сме одговорни и неодговорни. Колку ни се можностите и капацитетите. Колку е „саат“ и со политиката.

Притоа, долго време следев политичка крадометрија, но сфатив дека станувам циник. Лик што мудрува за тоа кој колку украл, а не колку направил. Колку нема да нè биде, и сѐ е црно, и сѐ е бесмислено. Со цинично смеење, секогаш на страна и секогаш во право. Тоа, е рецепт за самоуништување, не само личен, туку и на ниво на заедница и држава. Затоа сфатив дека мора поревносно да се позанимавам и со креатори, а не само со манипулатори. За да задржам памет, ама и здравје.

Во однос на свирките, изложбите, концертите и збиднувањата на младите – дојдоа природно кога се вратив во тој свет, особено во независната сцена. Си велам, каде има креативно, активистичко, искрено, автохтоно – дај му троа светлина, дај му крилја, нека лета. Тоа некогаш ми е доволно. Ме движи. И, на крајот на краиштата, не е важно што чувствува Шаше, важна е македонската културна оставштина. Ме радува што во младата уметничка и музичка заедница има другарство и самоорганизираност, без цинизам.       

Трн: Со кои предизвици најчесто се соочуваш низ работата како новинар годиниве во Македонија?

Веројатно со истите предизвици со кои работат поголемиот број новинари – мали редакции, договори на определено, мали плати, а многу работа. Притоа се губат рубриките (пр. скопска, култура, здравство, надворешна политика), сите стануваме „сештолози“, па се губи и фокусот и квалитетот на производите, бидејќи немате доволно луѓе за секоја рубрика поединечно, туку скокате од тема на тема. Пример, година дена не си правел тема за канцерогениот линдан во ОХИС, а денес има прес-конференција за овој проблем, ти мора да прочиташ 100+ страни од медиуми, да ги преслушаш сите меѓувремени изјави на министри и активисти, да прочепкаш легислатива, за да можеш да отидеш на прес и да ги поставиш вистинските прашања од јавен интерес. Затоа некои пресови се стерилни и потоа проблемот не се решава, туку останува статус-кво. Едноставно, не можеме да постигнеме, не можеме да се клонираме и мора да договориме што ни е приоритет како медиум.

Гледајќи на пошироко ниво, има ерозија на довербата во новинарството. Дел од медиумите и порталите си тераат свои правила и не го фермаат Кодексот на новинарите, прифатен од професионалната медиумска заедница, па тоа се одразува и врз нас. Плус пропагандата и дезинформациите си го прават своето. Интернетот како општество нè демократизираше, секако, ама сфативме дека знае да биде валкан и не секогаш ги следи идеалите на Француската револуција. Во е-сандачето ни кажуваат дека сме „платеници“, „изроди“, „соросоиди“. Со тоа учиме да живееме. Тешко е, особено за младите, кои ретко сакаат новинарство или запишуваат студии – изминативе години по 4-5 луѓе во цела Македонија!

Заради сите овие работи, во изминативе години се зајакнува феноменот на „фриленс новинарство“ или „новинарство само за изработка на дело“, што значи фокус на индивидуализмот, а не колективот и заедничарењето во една редакција. Односно, секој за себе, и секој по потреба. Не сум паметен како ќе се развива целава ситуација, само знам дека треба да се задржи солидарност, етичност, одговорност и напредна мисла.

Трн: Гласен поборник си за маргинализираните групи кај нас. Дали сметаш дека медиумскиот простор реално се занимава доволно со правата на оние на кои најмногу им е потребна заедничката борба?

Медиумите се занимаваат колку можат, колку знаат и колку им е капацитетот. Јас лично сум поборник за маргинализираните бидејќи во голем дел сум растен на улица, во маало, по сите „дупки“ низ Скопје, а и новинарската работа ме натера да им влегувам на луѓето по дома. Во нивните животи. Луѓе растени со привилегии, ама и луѓе што останале на улица. Луѓе без работа. Луѓе без можност за социјални и здравствени услуги. Луѓе бегалци. Луѓе без родители. Луѓе со нарушено здравје. Луѓе со пречки во развој. Луѓе што не можат да фатат „врски“. Луѓе без никој на свет! Луѓе што не сакаа сожалување, само права. Основни и човечки, ништо повеќе. Видов сѐ. Не само она што сакав, туку и она што морав. А, треба да останам објективен. Емоциите да ги оставам на страна, иако е тмурно и ми се плаче, зашто тоа го носиш и дома. Заспиваш со тоа, истовремено жонглирајќи со домашни претумбации.

Така научив за „различниот“, „другиот“, „маргинализираниот“. Така и зајакнав. Плус имам и случај на аутизам во фамилијата, што ми даде можност, ама и нужност да учам за лицата со атипичен развој. Сфатив дека како медиум имаме одговорност да известуваме континуирано, не само кога е Ден на лицата со попреченост, или кога е врзано со настан. Нивната „невидливост“ се надминува само со изложеност, недела за недела, месец за месец. Да известуваме афирмативно, критички, без сожалување и емоција што го „впива“ гледачот, но од друга страна да пазиме да не хиперболизираме. Односно, да не ги претставуваме како суперхерои, во случаи кога пишуваме едноставни работи. Да, тоа го правиме со добра намера, ама некогаш има спротивен ефект и пливаме во патетични води.

Дополнително е потребата да ги вклучуваме во подкасти и анкети. Ако е некој во количка или има Даунов синдром не значи дека не знае „колку е саат“ во државата, не значи дека е неспособен да процени што е лоша, а што добра политика. Исто така, што му треба од културна понуда, која му е омилена игра на „Плејстејшн“, кои серии ги препорачува што ги „бинџал“ летово, што мисли за аерозагадувањето во Македонија, за цената на лебот и струјата, за корупцијата, за што било! Така, стануваат повидливи и се надминуваат стереотипи и дискриминации, а со тоа помагаме полесно да влезат во јавниот живот, да остварат права од здравство, социјала, култура, образование итн.  

Tрн: Кој е твојот најкул и омилен настан од кој си известувал како новинар?

Ох, тешко прашање, бидејќи ги има многу, 15 години работам како новинар и сум поминал десетици конференции, пресови, протести, свирки, журки, изложби, претстави, проекции, фестивали, дружби, афтери. Ќе биде нефер ако одберам само еден настан.

Би ги споменал инклузивните и уметнички соединувања на „Партизанска штампа“ и „Колектив Ветерница“, на „Стотројка“ и задруга „5060“, музичките настани на колективот „Гола планина“, андерграунд фестивалите на дружината „Кула“, на битолски „Пондер“ и „Метал Дисчарџ“, кумановски „Боилинг Поинт“, собирите на поетите и млади ентузијасти од „Култура Бета“, настани што се случувале во „Ла Кања“, „Буква“, МКЦ, „Менада“, „Дуња“, „Јадро“… Тука можат да влезат и акциите или протестите на разно-разни иницијативи, главно локални, социјални и еколошки од типот на НаТочак, О2 Иницијатива, НеБидиЃубре, ЗХГ, Комбо, Гоу Грин, Еко-Логик, Охрид СОС, иницијативи од Карпош, Тетово, Русино… Обожавам да покривам протести и бунтови! Имаше една активистка, велеше: „Само на протест можеш да се чувствуваш искрено и слободно“.  

Иако, од еден протест излегов истепан од полицијата – а носев голема акредитација „PRESS“. Беше тоа 2015 пред Влада, бев таму да покривам протест како новинар, но ме удираа со пендреци по глава, грб и цеваница. Завршив во болница, отидов и до станица „Беко“, но не ми дадоа да пријавам полициско насилство. Не сакаа да постојам како случај. Ете и тоа се случи. Можеби не е „најкул“ настан, ама дефинитивно ќе го паметам.

Tрн: Која музичка нумера ти оди во глава секојдневно додека се справуваш со секојдневните предизвици на професијата и животот?

Мислам дека не е нумера, туку израз „Идемо даље“. Во еден момент бев тотално депресивен и паднат од сè што се случува наоколу, но ме крена мојата ќерка. Седиме заедно, јас избезумен, а одеднаш она свикува „Идемо даље, идемо даље, идемо даљееее“. Плачев и се смеев во исто време! Тој израз си го приспособив и сега викам „Идемо даље рекордс“. Си „направив“ своја „издавачка куќа“, хаа. Таа ми е главен мотиватор кога ќе закочам, или наидам на препрека, проблем, што и да е. Колегите на работа дури ми смислија и лого на „лабелот“, па си го закачивме да ни седи на ѕид во редакција – црна плоча со полукружен натпис „Идемо даље рекордс“.  

Tрн: Ако за момент имаш супер моќ да ја смениш насоката во која нашите медиуми работат, кои се трите работи кои веднаш сакаш да ги искорениш?

Прво, не би зборувал за искоренувања во вид на забрани, зашто генерално сум против медиумски забрани. Туку, чисто почитување на основните етички начела на Кодексот на новинарите, бидејќи како медиумска заедница сме дошле до консензус кои ни се принципите за работа. Ако се сметаме за професионални – не треба да измислуваме, преувеличуваме, манипулираме или дезинформираме. Секое наше зборче, таму некаде, има „домино ефект“ – влијае врз некој настан, случка, нечие расудување. Пример, во изминатиов период повеќе провладини мегафони се пуштија на најјако за напади врз активисти од движењето „Кој е следен?“, дури се оцрнуваа и семејствата на загинатите од Кочани, па и активистите од иницијативата „Support Kocani“. Знаете зошто спласна поддршката на иницијативите? Не е само апатија на граѓаните, туку поради ширачите на манипулации и пропаганда. Секоја власт си има медиуми послушници, но мораме да ги разликуваме и вреднуваме професионалните.

Второ, преземање нечиј труд без наведување извор. Особено кога си отишол на терен, си бркал изјави, си транскрибирал, си анализирал, а некој доаѓа и ти го објавува трудот без да наведе од каде презел. И, воедно, генерира многу повеќе кликови од тебе, иако првичната идеја ти била да влијаеш да се реши проблемот, а не тој да стане сензација.

Трето, ми недостасува фокус на егзистенцијални проблеми на граѓаните. Пуштете ТВ, како прво ќе видите дека премиерот посетил некоја држава на билатералка, наместо за блокадата на реката Дошница, или за недостатокот на вода. Дополнително, наместо да нудиме мегдан за крв и препукувања, како медиумска заедница да го свртиме светилникот кон реалните потреби за воздух, почва, отпад, здравствени и социјални права, пристап до образование. Во 2025 година има деца што не можат да стигнат до училиште, а годишно ни умираат по 4.000 луѓе од аерозагадување. Затоа сè повеќе верувам во принципот на директна демократија, односно враќање на довербата во сограѓаните, на блискоста со нив и нивниот потенцијал.  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни