Интервју за Терапија: Може ли Скопје повторно да стане жив град на електронската сцена?

Од градење културни мостови меѓу Грција и Македонија во средината на 2000-тите години, до настапи низ цела Европа – ISON одблизу ја следи трансформацијата на електронската музика и нејзиното влијание врз градовите.

Во ова интервју тој се навраќа на некогашниот потенцијал на Скопје, зошто градот го пропушти својот момент и дали сè уште има шанса да ја врати својата улога на регионална точка за современа клубска култура.

Кои се твоите најсилни сеќавања од Скопје и неговиот ноќен живот?

Имам многу убави спомени, затоа што мојата врска со Скопје датира уште од пред дваесет години. Во средината на 2000-тите градевме културен мост меѓу Грција и Северна Македонија, презентирајќи уметници од двете сцени. Тоа траеше со години и остави силен печат и кај публиката и кај артистите.

Како изгледал скопскиот ноќен живот порано, а како денес?

Скопје имаше огромна шанса да стане едно од најживите електронски жаришта во Европа. Во тоа време ентузијазмот беше голем – и кај промотерите, и кај публиката. Пазарот не беше заситен, можеше да се донесат врвни артисти со разумни буџети, а градот беше конкурентен со европските метрополи во турнеите на најголемите имиња.

Постоеше идеална инфраструктура: клубови со различна големина, аеродром што поврзува со Европа, близина на соседни земји, одлични организатори и фантастична публика. Сите коцки беа наместени.

Денес, за жал, гледам дека сцената не се разви како што очекував. Ретки се настапите на меѓународни артисти, а локалната сцена се чини затворена, помалку видлива. Потенцијалот не исчезна – но е неопходно стратешко планирање за повторно да оживее.

Дали светските метрополи се соочуваат со слични промени?

Електронската музика моментално е најбрзо растечкото музичко движење во светот. Нема јазични бариери и постојано се меша со локални култури – од афро-хаус движењето во Јужна Африка, до ориенталните и латино влијанија, до новите сцени во Индија.

Но со растењето дојде и индустријализацијата. Голем број артисти сега се застапувани од големи агенции, инвестициски фондови вложуваат во фестивали, а држави ја користат електронската музика како средство за промоција на туризмот. Истовремено, подземната сцена останува силна и го одржува духот свеж. Пад на жанрот не се гледа – напротив, изгледите се уште посветли.

Што според тебе придонесе за падот на сцената и ноќниот живот кај нас?

Не сакам да звучам како човек кој донесува заклучоци однадвор, но гледам паралели со мојата земја. Прво, електронската музика никогаш не беше третирана со вистинската сериозност од институциите. Потенцијалот не беше проценет.

Второ, во последните години гентрификацијата уништува многу културни простори. Клубови стануваат хотели, станови за изнајмување или трговски центри – цели квартови исчезнуваат без јасна стратегија. Тоа не е развој, туку губење на културниот идентитет на градот.

На крај, градот мора да остане жив организам. Културата е основна потреба за луѓето.

Што е потребно за повторно да оживее скопската сцена?

Прво, треба вистинска вера во потенцијалот на електронската музика. Потоа – поддршка за локалната заедница: артистите, промотерите, организаторите. Треба да им се даде доверба и услови да создадат здрав културен екосистем.

Потребно е да се изгради нов, модерен имиџ на градот – поотворен, со квалитетна понуда што ќе привлече и локална и меѓународна публика. Скопје може да се врати на картата на живи, динамични градови – но само ако културата конечно стане приоритет, а не спореден производ.

Новинар: Катерина Васковска
Извор: Терапија.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни