Стојне Тодоровска: ,,Скопје зборува“ e граѓански Хајд парк за визијата на поодржливо Скопје

За многумина, родени и пораснати во Скопје, градот изгледа и мириса на туѓо, на неемпатично и невоспитано. Затоа и зборуваме за зелена култура, за свест и однесување кое ќе не пренасочи кон одржливо живење во склад со природата.
Angel Angelovski photo

Во време кога Скопје стои пред нов циклус на локални политики и одлуки кои ќе го обликуваат неговиот идентитет во следните години, платформата „Скопје зборува“ се јавува како глас на граѓаните што сакаат поодржлив, похуман и позелен град.
Стојне Тодоровска, програмски координатор во „Екологик“, зборува за инспирацијата зад овој проект, потребата од пост-изборни граѓански разговори и визијата за Скопје кое ќе биде град на луѓе — не само на згради и автомобили.

Во интервјуто, Тодоровска ја нагласува важноста на континуираниот дијалог меѓу граѓаните и локалната власт, потребата од долгорочни зелени политики и вербата дека само активно и обединето граѓанство може да го претвори Скопје во одржлива урбана заедница.

Angel Angelovski photo

Трн: Што те мотивираше да ја организираш оваа конференција и зошто токму концептот „пост-изборно Скопје“ и зелена култура?

Стојне: “Скопје зборува” беше замислен како македонски “Хајд парк” или простор за кратки, десетминутни еко-монолози или говори преку кои, интересни, креативни личности, луѓе – експерти, активисти, волонтери; луѓе кои го сакаат и се грижат за Скопје денес, ќе пренесат моќни пораки за тоа, какво треба да биде Скопје во следните четири години. 

Зборуваме за пост-изборно Скопје, затоа што следи нов циклус на локални, општински и градски политики и одлуки кои, можат да го реобликуваат ликот на денешно Скопје, кое се помалку изгледа како град на луѓе кои се грижат за него, се грижат за себе, за своите деца, соседи и сограѓани. За многумина, родени и пораснати во Скопје, градот изгледа и мириса на туѓо, на неемпатично и невоспитано. Затоа и зборуваме за зелена култура, за свест и однесување кое ќе не пренасочи кон одржливо живење во склад со природата.

Трн: Мислиш ли дека вакви дискусии можат да влијаат на локалната политика и да го зголемат граѓанското учество?

Стојне: Секако. Сите анкети во изминатиот период, кои говорат за огромен пад во бројот на гласови на изборите во првиот круг, се ништо повеќе од показател за падот во поддршката за досегашните политики и однос кон градот и скопјани.

Токму еден од говорниците на “Скопје зборува” спомена дека главен дел од темите кои беа во фокус на кампањите на кандидатите за градоначалници во првиот круг, беа повлијаени од мислењата и реакциите на граѓаните. Малку или многу, сите посведочивме извесна корекција во ставовите и политиките што се промовираа.

Доколку продолжат ваквите дискусии и реакции, макар биле монолози, како оние на “Скопје зборува, или статуси на социјалните мрежи, онлајн форуми, па дури и разговори пред кооперација, при средби со градоначалниците, институциите во целина, тие што ќе го водат Скопје и скопските општини, нема да имаат друг избор освен да слушнат и исполнат.

На граѓанинот, обичниот човек кој наутро се буди и патува со градски јавен превоз до работното место, се помалку ќе му биде грижа за изговорите зошто нема редовни автобуси, зошто им се потребни повеќе од еден час до работа и дома; се помалку ќе им грижа кој е виновен за Вардариште и воздухот, за депониите. Во неговите очи, виновникот ќе е тој кој можел и може да стори нешто и не сторил. Затоа и меѓудругото, говорниците на ,,Скопје зборува” повикуваа на гласност, на вклученост, на активизам и на напуштање на апатичноста за состојбите во градот.

Angel Angelovski photo

Трн: Кои се според тебе најголемите предизвици за Скопје кога станува збор за зелени политики и граѓанско учество?

Стојне: Политичката волја и недовербата во институциите. Градоначалникот на една општина и град треба да работи само и само по директива на граѓаните, не на водачите на политичките партии. Тие треба да се први кои прават се за градот. Кога граѓанинот со свои очи ќе види градоначалник кој сериозно се грижи за ликот на градот, за здравјето на луѓето и природата, нема да има потреба да го повикувате и молите да се вклучи во дискусиите, во акциите, иницијативите, или пак да ги почитува законите. Самиот ќе сака да биде дел од случувањата. Ќе сака и тој самиот да продонесе.

Трн: По изборите, кои се клучните чекори кои треба да ги преземе локалната власт за да Скопје стане поздрав и поодржлив град?

Стојне:Многу посериозно да се посветат на своите сектори и одделенија за животна средина. Добар дел од оние кои работат со овие сектори, знаат дека општините имаат посветени луѓе кои имаат идеи и визија за што треба да се стори. Прво, овие луѓе треба да добијат амин за да делуваат и второ, да добијат буџети. Не треба да биде важно од каде е идејата, туку дали таа идеја ќе промени нешто кон подобро и ќе донесе долгорочни бенефити за општините и градот. 

Идните политики треба да бидат долгорочни. Се што е сторено од претходните, а вреди, да продолжи и во следниот мандат и мандатот потоа.

Да се погрижат за градскиот превоз, за велосипедските патеки, зеленилото, парковите; да се заузда ширењето на градот, воопшто и особоено на локации кои не се подготвени со соодветна инфраструктура, за да примат толкав број на згради и станари и возила; да се погрижат за депониите, воздухот кој го дишеме итн. Затоа што е непријатно да дискутираме и делуваме за селекција на отпадот и негова реупотреба кога позади зградите, пред куќите имаме депонии и кога депониите ни горат.

Angel Angelovski photo

Трн: Како граѓаните можат активно да влијаат на креирањето на зелени политики и одржлив урбан развој?

Стојне:Едноставно, со јасно и гласно изразување на своето мислење. Со обединување со истомисленици. Со вклучување во дискусии, седници, средби. Со пркос. Со тоа што, од другата страна, редно е да видиме градоначалници кои тој пркос ќе го разберат и ќе делуваат во интерес на своите граѓани. Без оглед кои се, какви се, од каде се.

Трн: Која е твојата визија за Скопје во следните 5 до 10 години?

Стојне: Хумано, зелено, инклузивно. Скопје кое мириса на липи и манџи од соседите, не Скопје во кое не се дише. Скопје во кое знаете точна секунда во која минува петка и точна минута кога ќе стасате на работа. Скопје во кое ќе се чувствувате безбедно да возите велосипед, да пешачите и ќе бидете горди да го покажете на другите.

Трн: Кои се најголемите лекции што градот може да ги извлече од успешните зелени градови во светот?

Стојне: Сите овие градови имаат воздух, имаат ниска стапка на јаглеродни емисии, имаат огромен број на зелени, но функционални зелени површини, имаат урбани градини, шуми, инвестираат во системите за менаџирање со отпадот, велосипедски патеки, одржлив транспорт, генерално во одржливо урбано живеење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни