Интервју со поетот Јосип Коцев: Да ја демистифицираме поезијата значи да ја вратиме меѓу луѓето

Во ова интервју за „Трн“, со поетот Јосип Коцев зборуваме за книжевноста, чувствувањето и текстот, но и сето она што го носи пишувањето како процес.

Јосип Коцев е еден од најпрепознатливите современи македонски поети на книжевната сцена кај нас. Неговата поезија низ годините има влезено во најтесните избори за највисоките поетски награди во земјата, а неговата последна збирка „Две мориња“ постигна значаен успех со препевот на шпански јазик. Меѓу спецификите на неговите стихови и неговата препознаеност, разговаравме со Јосип за неговото пишување како интимен, внатрешен чин кој го споделува со читателот и неговиот креативен процес.

ТРН: Периодов е многу актуелен твојот превод на збирката „Две мориња“ на шпански. Како дојде со соработката со шпанската издавачка куќа и дали сметаш дека е потребно поголемо претставување на нашите автори таму?

Соработката се случи многу спонтано. Од шпанската издавачка куќа „La Tortuga Bulgara“ за првпат се сретнале со мојата поезија на почетокот на 2021 година преку издавачка куќа од Софија која во тој период покажа интерес да преведе и објави песни за италијанското книжевно списание YAWP (чуден круг на случувања, нели?). Активно учествував во процесот на преведувањето на шпански и на тоа ќе се сеќавам како на една од најпрофесионалните соработки што сум ги имал досега на книжевен план. Луѓето со коишто соработував беа непријатно изненадени од малата застапеност на македонската книжевност во Шпанија и општо, на шпанското говорно подрачје. Секако дека е потребно поголемо претставување на нашите автори таму бидејќи нивниот квалитет е неспорен. Затоа, со сигурност ќе следуваат уште преводи на поезија и проза, а тоа е голема причина за радост. Сепак станува збор за огромен книжевен пазар.

ТРН: Игор Исаковски е рецензент на твојата прва книга, деновиве навршија 55 години од неговиот роденден. Како тој влијаеше на твоето пишување?

За мене, Игор засекогаш ќе стои на почетокот затоа што првиот збор во мојата дебитантска поетска книга е токму негов. Многу им благодарам нему и на професорката Елизабета Шелева затоа што застанаа зад збирка на еден тотален анонимус пред повеќе од 10 години. Поезијата на Игор плени со неверојатната длабочина и способност да проѕре во најневидливите длапки на нашето постоење, да ни ја каже вистината в лице и да нè „ошамари“ на најљубовен начин. Таа поезија во себе ја содржи новата онтологија на градот и е будител на поетската свест на многу современи автори. Неговите песни се хранат од сопственото ткиво за да го заситат читателот, и тоа е тоа согорување, тој X-фактор што тешко се дефинира и доловува со зборови. За жал, неговата величина и неговото значење не беа доволно препознаени додека беше физички меѓу нас, имам чувство дека книжевниот свет не успеа да го дофати поетскиот zeitgeist што тој го донесе и навреме да му оддаде признание, туку каскаше во некоја измината ера. Но одличниот потфат на Елизабета Баковска да ги собере неговите книги на едно место, уште еднаш потврди дека Игор живее. Неговите пријатели и читатели го одржуваат во живот и тие се повредни од какво било признание. Пред некој ден на улица сретнав еден читател кој, замислете, ми рече дека собира приказни и искуства од други луѓе поврзани со Игор. Има ли поголемо признание од тоа?

ТРН: Како ја гледаш современата книжевна сцена денес кај нас во поглед на квалитет, континуитет, предности и недостатоци?

Не знам дали сум меродавен да дадам конечна оценка за нашата книжевна сцена, бидејќи ни самиот не постигнувам да ја следам целата таа разгранетост во форма на мноштво издадени книги, настани, фестивали… Но од она што успевам да го прочитам и проследам, мене ми изгледа дека е многу жива, гласна, шаренолика. Ми се чини дека колку што е поголема дистопијата на реалното живеење во земјата, толку побујна е македонската книжевност. Имаме брилијантни автори кои одамна ги преминаа границите на нашата книжевност и веќе се препознатливи како во регионот, така и пошироко. Предноста на ваква мала книжевна сцена е што квалитетното четиво брзо си го наоѓа просторот, а недостатоците, за жал, се многу побројни. Веројатно најмногу ме очудуваат херметичката затвореност во непропустливи книжевни фракции (небаре уметноста треба да се партизира), појавите на ситнодушност и страв од новото и различното.

ТРН: Твојата поезија е мост за поврзување. Успеваш да излезеш надвор од книжевните кругови и имаш широка публика. Kоја е твојата интимна дефиниција на пишувањето?

Не сум сигурен што точно значи широка публика во овој наш тесен контекст, но сакам тоа што го пишувам да биде прифатено и почувствувано како од рафинираните познавачи на поезијата, така и од оние што во себе го имаат жарот за читањето, но сè уште го градат својот вкус. Природно, ничие творештво не може да му се допадне и да му легне секому, но целта е друга. Целта не е поетите само да читаат пред други книжевници, ред аплаузи и секој да си оди по дома. Зошто поезијата да не послужи како влезна врата во книжевноста за еден неискусен читател? Младите (за жал) денес читаат исклучително кратки форми (или воопшто не читаат), а порано и дополнително ја избегнуваа поезијата бидејќи ја доживуваа како нешто затворено, недостапно, како код кој бара „правилен одговор“. Тоа беше особено изразено пред 10-15 години, пред да биде изнесена на ачик (преку манифестации од типот на „Астални проекции“), во простори како поранешна Менада и МКЦ. Да ја демистифицираме поезијата значи да ја вратиме меѓу луѓето, таму каде што ѝ е местото. Таа не е загатка што мора да се реши, ниту код што има само едно точно толкување. Поезијата е јазик на чувствата, на миговите, на она што не може секогаш да се каже со обични зборови. Мисијата, општо на целата книжевност, е да ве допре и да ве промени.

ТРН: Што ти недостасува како автор во земјава, а што како читател?

Не можам да кажам дека ми недостасува нешто како автор во земјава. Ова тло е непресушен извор на теми за пишување. Влезете во автобус, прошетајте низ град или село и само слушајте. Понекогаш обични луѓе кажуваат цели стихови или ви даваат мотив да развиете цела глава од роман. Како читател, преферирам проза испреплетена со многу историја, митологија, магија и фантазија. Затоа ми недостасува сите книги од Олга Токарчук да бидат преведени на македонски. Се надевам дека некој ќе ме слушне.

ТРН: Зошто стихови, а не проза? Си размислувал ли за истражување на други жанрови?

Поезија – затоа што тоа е мојот природен, инстинктивен книжевен говор и начин на толкување на светот. Потполно без план, така што не знам од каде и како извира. Порано се прашував – зошто побогу го правам ова? (се смее) Дури сум се обидувал и да престанам, но тоа секогаш ми се враќало назад како силен бран што казнува. Не верувам во експериментирање со жанровите чисто за да се постигне некаква разнообразност во авторството. Верувам во силен творечки импулс што се чека да дојде исто како дете кое го чека родителот да се врати од некое патување. Не толку за да го види, колку за да дознае какви играчки му носи. Кога би пишувал проза, мислам дека тоа би било многу испланирано и рутински, речиси како некој проект во фази, со многу местења, разместувања, мозгања. Тоа не е случај со пишувањето поезија што за мене е строго мигновен чин. Ретко чувствувам потреба да се изразам во проза. Досега, сите такви обиди ми завршувале со стихови. Но којзнае…

TРН: Што најмногу ти влијае на пишувањето, а може да го проследиме на светската сцена книжевна сцена во моментов?

Ме фасцинира начинот на кој многу современи автори ја мешаат поезијата со други медиуми – музика, визуелна уметност, дури и дигитални платформи – и тоа создава нови форми на израз. Тоа отвора простор поезијата да биде присутна во секојдневието, да не остане затворена само меѓу кориците. Суштината на поезијата останува иста, но начините на кои се презентира и се изнесува пред публиката не смеат да останат статични. Бидејќи не сакам апстракции, туку конкретни примери – еве, пред неколку недели, наша млада уметница искористи песна од мојата прва книга како мотив за изработка на колаж за @skopjecollagecollective. Пред неколку години, наш млад композитор и млада пејачка исто така искористија стихови и направија музичка нумера. Затоа е важно да растеме генерации на луѓе кои ќе ја доведуваат поезијата во жив однос и корелација со другите уметности, луѓе со визија и естетски вредности на кои книжевноста нема да им е terra incognita.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни