Интервенции во Старо Нагоричане по надоаѓањето на Пчиња: расчистени наносите, поставени бариери

Екипи на водостопанството „Кумановско-липковско поле“, како и јавните претпријатија од Куманово и Старо Нагоричане, денеска излегоа на терен за да ги расчистат наносите и да ги санираат критичните точки по излевањето на реката Пчиња во атарот на Пелинце.

На повеќе мостови низ општината беа затекнати големи количества гранки, дрвја и отпад, кои го попречуваат протокот на реката.

Градоначалникот на Старо Нагоричане, Мирослав Славковски, за МИА изјави дека механизацијата е распоредена на најризичните локации и дека засега не се пријавени материјални штети. Тој нагласи дека екипите активно работат на чистење на критичните премини и дека ситуацијата внимателно се следи.

Интервенции се вршат и околу Меморијалниот центар АСНОМ, каде што екипи на „Чистота и зеленило“ и „Водовод“ од Куманово поставуваат вреќи со песок за превентивна заштита од понатамошно надоаѓање на реката.

Од Центарот за управување со кризи денеска соопштија дека Пчиња кај Пелинце и кај бањата Стрновац се излеала околу 20 сантиметри над коритото, а кај Коинскиот мост е забележано големо количество насобрани дрвја што го отежнува протокот.

Според мерењата на УХМР, водостојот на Пчиња утрово достигнал 120 сантиметри – значително повеќе од вчерашните 18 сантиметри и трипати над просечниот ноемвриски водостој.

Утрото пожарникарите од Старо Нагоричане интервенирале кај селото Стрновец, каде во надојдената вода бил заглавен автомобил со две лица. Возилото е извлечено, а од Територијалната противпожарна единица апелираат граѓаните да избегнуваат движење покрај реката Пчиња додека состојбата не се стабилизира.

Извор: 360 степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни