Трн: На 6ти април, твојата музика за филм ќе ја изведува оркестар од 30 музичари, со Џијан Емин како диригент. Какво е чувството кога повторно се соочуваш со твои дела кои настанале во еден подолг период и кои можеби би сакал сега да звучат поинаку?
Кирил: Секако дека е огромно задоволство да се чујат овие филмски парчиња со голем оркестар. За мене не е првпат, затоа што тие парчиња се снимани со голем оркестар во подготовката на филмската музика за филмовите кои сум ги работел. Но ова ќе биде прв пат да го споделам ова искуство со македонската публика. Ова е еден проект кој ќе патува, веќе постои интерес од другите градови во државата и низ Балканот за гостување, но особено сум среќен што прв пат ќе се изведе во мојот роден град. Концертот е замислен како посебно аудио и визуелно доживување и верувам ќе претставува уживање за публиката. Оркестарот е посебно создаден за овој концерт од музичари и од Македонската опера и балет и од Македонската филхармонија, а ќе диригира маестро Џијан Емин кој е мој долгогодишен соработник и со кој креативно и музички многу добро се разбираме. Прва виолина е Владимир Крстев кој е дел од мојата основна постава и за настапите со електронска музика. Драго ми е што како солисти ќе се појават и Ратко Даутовски и Антоние Вескоски на перкусивни инструменти, Андреј Трајковски на традиционални инструменти, Игор Иванов на кларинет, кои се музичари и изведувачи чија работа многу ја почитувам.

Трн: Твојот творечки пат освен низ времето патува и низ различни музички жанрови. Од Бастион до денес, твој потпис носат многу хитови, многу театарска и филмска музика. Во кој творечки сегмент се чувствуваш најкомотно, а во кој те носат околностите?
Кирил: Мислам дека тоа што ме карактеризира е дека не дозволувам да ме носат околностите, туку го работам она што мене во моментот ме интересира и возбудува. Тоа не значи дека секогаш ми е комотно, често си поставувам нови предизвици, влегувам во различни жанрови, настапувам на многу големи фестивали кои доаѓаат и со голема одговорност, излегувам од комфорната зона, но и многу уживам во својата работа која ми има донесено многу убави моменти за паметење.
Кон впечатокот за различни музички жанрови се надодава и работата на филмска музика каде проектот го диктира жанрот и ми дава можност постојано експериментирам.
Трн: Дали повеќе сакаш да свириш, или да компонираш? Повеќе сакаш големи фестивали или клубски настапи?
Кирил: Сум имал прилика да настапувам на голем број музички фестивали и тоа го сметам за огромна привилегија. Почнувајќи од многу прекрасни македонски фестивали како Таксират, Д Фест, Street Fest и сл. (ќе го споменам и прекрасното искуство летово на роденденскиот концерт на Скопско во Градски парк), па се до големите Европски фестивали како: Pohoda, Cruilla, Pol’and’Rock Festival, Exit Festival, Alrumbo, Fusion Festival, Rock for People, Sziget, Rototom Sunsplash, Les Vieilles Charrues, Au Foin De La Rue, Les Z’éclectiques, и многу други. кои ми овозможиле да настапувам пред бројна публика и да почувствувам прекрасен фидбек.
Но, кој музичар и да прашате, ќе ви каже дека ние кога се подготвуваме за настап, не се подготвуваме на еден начин за помалубројна публика, на друг начин за побројна, напротив секогаш даваме се од себе за секој кој дошол да ужива, да се забавува и да ги исполниме неговите очекувања. Концептот концерти со електронска музика можеби најдобро лежи на големи фестивали, но и во клубови сме имале супер журки. Концептот со филмска музика кој сега ќе го промовираме пак бара друг тип на сали и затоа овој пат се одлучивме за Македонската опера и балет, која акустички е одлична сала, а дополнително ни дава можност да можеме да ја поставиме и посакуваната опрема за да имаме и одличен филмски визуелен момент.
Во однос на прашањето за настапите и компонирањето, еднакво уживам и кога настапувам, обично летата ми се посветени на тоа, а низ годината уживам да соработувам на филмски и театарски проекти.
Трн: Што се случува со македонската современа музика и дали се гледаш себеси како дел од некој ентитет, или движење како оние од периодот на Бастион и твоите почетоци во создавањето на театарска и филмска музика?
Кирил: Се гледам себе како музичар и композитор кој припаѓа на една музички богата нација и се радувам што низ годините со својата работа успевам да придонесам кон мноштвото проекти кои ја радуваат нашата публика, но и ја претставуваат државата надвор. Ако треба да се сместам во некој ентитет секако тоа по што сум најпрепознатлив е електронската музика, но ме радува оваа можност да ја претставам и мојата работата како композитор на филмска музика со помладата публика која повеќе ме препознава по мојата соло кариера како електронски артист.
Во однос на почетоците во создавањето на филмска музика интересно ми е дека тоа го спомнувате заедно со Бастион, затоа што тие две нешта се вистина тесно поврзани. Иако Бастион беше сам по себе многу успешен проект и денес често споменуван и рефериран, за мене беше и проектот на кој се запознав со Милчо Манчевски со кого подоцна и ја започнав мојата кариера како композитор на музика за филм.

Трн: Со кој режисер делиш најсличен творечки сензибилитет? Со кого не си работел, а би сакал?
Кирил: Ќе звучи како клише, но искрено сум имал прилика да соработувам со многу прекрасни режисери со кои се имаме најдено на креативно ниво. Милчо веќе го споменав, да не ги испуштам Иво Трајков, Дарко Митревски, Хуанита Вилсон, Александар Поповски (со кого освен на филм заедно имаме направено и преку 20 театарски претстави), па се до последното искуство на филмот One more game, каде соработував со еден талентиран холандски режисер Ник Јансен и еден продуцент кој живее и работи во Америка, а е со македонско потекло Никола Китановски. Впрочем да сум немал таква соработка, креативна слобода и взаемна доверба со сите режисери со кои сум соработувал не верувам дека и парчињата филмска музика ќе имаа ваков успех каков што имаат. Тие се слушани и по радио станици ширум светот, ги изведувам и на настапи и некако живеат заедно, но и независно од филмовите.
Трн:Твојот следен албум се вика?
Кирил: Аххх, го погодивте прашањето. Новиот материјал е при крај, но наслов уште нема. Соработувам со проверен тим од минатото, повторно во соработка со вокалистката TK Wonder , но сега и со одличниот Rootsman I, фронтменот на познатата македонска реге група “Conquering Lion”, кој е и постојан дел од мојата екипа за настапите во живо. Ќе биде комплетно во модерен drum n bass стил, а неговата промоција ќе биде летово по фестивалите низ Балканот и Европа.