Андреј Павлов е наградуван графички дизајнер и илустратор дипломиран на Машинскиот факултет, кој е еден од водечките креативци на новите генерации во Скопје. Неговиот последен дизајн за петтото издание на ,,Скопски поетски фестивал”, стилската препознатливост и досегашните успеси, ги искористивме за еден разговор околу неговите уметнички процеси. Го прашавме Андреј нешто повеќе за љубовта кон визуелните метафори и комуникацијата преку нив, приказните кои добиваат ново значење преку симболите кои ги користи, но и за страста кон уметноста со која расте, патува во и надвор од него и го трансформира како уметник и човек.
Трн: Иако веројатно најлогично прашање за почеток е да позборуваме за причините зошто си почнал да се занимаваш со графички дизајн, би тргнала сосема спротивно и би те прашала дали мислиш дека низ растењето како дизајнер си почувствувал дека се менува улогата на таа уметност со која се занимаваш? Дали денес го гледаш дизајнот поинаку од самите почетоци?
Андреј: Би рекол дека ја разбираш улогата повеќе и повеќе како го правиш, таа потреба да се пркоси и инспирира визуелно, да инпирираш прогрес, раскажеш приказна или да допреш до луѓето околу себе. Иако потекнува од некоја внатрешна, да не кажам себична причина, според мене уметноста, кој било медиум или хоризонт да го зафаќа има за цел да пробуди и даде видување на нештата во општеството, во секојдневниот живот, и да пробуди нешто во сите оние луѓе кои ќе дојдат во контакт со тој медиум. Во применетата уметност, да, дефинитивно гледам како и сопствениот начин на размислување се менува низ годините согласно трендови, барања и клиенти. Новите медиуми и шаблони на графичкиот дизајн постојано бараат да си во чекор и со новитетите и трендовите и технологиите како и случувањата околу нас, со цел да се направи дизајн кој ќе припаѓа на ова време. Но што се однесува на дизајнот и уметноста, кои постојат за да креираат израз и слобода за себе, секогаш ќе ги гледам како едно кoe потекнува од исто место, можеби се различни приказни, авантури и инспирации, некаква нова зрелост и острина, но искрата потекнува од исто место.

Трн: Што те натера да се заљубиш во комуникацијата со визуелни метафори и те води и уште активно те води да ја користиш како професија и инспирација?
Андреј: Дефинитивно љубовта за визуелното почнува од дизниевските цртани како дете и фасцинацијата како нешто нацртано може толку вешто да допре до тебе иако не припаѓа да реалниот свет, и некои, тогаш невешти обиди да се сетиш на експресиите, цртите на тие карактери и обид за нивно прецртување, или многучасовно листање на најдените книги дома од автори како Душан Петровиќ, Дар-Мар, или кои било од врвните македонски уметници. А и знаењето напамет на секоја епизода од ,,Бушава азбука” и визуелниот јазик на тоа културно TB време е дефинитивно всадено во хумористичната прирoда на моето изразување.
Трн: Кои се твоите ,,мали ѓаволчиња” во стремежот да си подобар не само како уметник, туку и како ментор, некој кој пренесува знаење и сака со тоа што го прави да остави некакво значење и смисла?
Андреј: Нешто што го кажувам и во своите скромни предавања во ,,Скала” е: раскажувајте ги своите приказни, раскажувајте со зборови кои вас ви се познати и вас ви значат, само така може да создадете приказна која ќе е најискрената верзија од вас, а и голема веројатност дека некој се почувствувал така претходно, па таа приказна ќе добие ново уникатно толкување.
Слично како што секој си има уникатен отпечаток од прст, во секој од нас постои и уникатна искра на себеизразување, но медиумот, музата, инспирацијата треба да се пронајде.
Да си дозволиш она што си да најде начин како да излезе. И да погрешиш нема душата да ти ја земе, само ќе бидеш подобар следниот пат. Таму лежи зајакот…
Трн: Би издвоил ли некој проект кој додека си го работел, си почувствувал како критички влијае на тебе, а со тоа и на твоите позиции како дизајнер? Нешто кое не те оставило мирен, а истовремено те натерало да посакаш да влезеш во дијалог со она што се случува околу тебе?
Aндреј: Генерално секоја илустрација потекнува од немоќта да бидам мирен и да оставам да не постои па се фаќа тетратка или маус, и е активен дијалог со конкретната тема, она пркосење за кое погоре зборувавме. А ако треба да одвојам проект не знам дали би можел, сите си се мои деца, знам дека ми фалат настани и проекти како Skopje Light and Art District каде двата перформанси дефинитивно ги тестираа моите граници како уметник во најубавата смисла на зборот.
,,Инктобер” е прекрасен едногодишен веќе трета година ,,кејф проект” коj ме бутка секојдневно во месец октомври да се натерам инспириран од едно зборче да раскажам една кратка визуелна приказна. И патешествието со малото т.н бело човече е приказна која се надевам цел живот ќе ја раскажувам заљубено. А менторството во ,,Скала” е нешто што како жива материјa: ме тестира често, треба да се прилагодува и ревизира со цел да сум повеќе свој и подобар ментор.
Трн: Пет години работиш на дизајнот за ,,Скопски поетски фестивал”. Која е инспирацијата и процесот на создавање на дизајнот оваа година, имајќи го предвид и малиот јубилеј на фестивалот?
Еден од најдрагите проекти од година во година. Темата оваа година беше ,,Oд ритам до алгоритам”. Па, начинот на размислување е спој на два света (ритам и алгоритам) иако навидум со различни методи и различна природа мислејќи дека не можат да коегзистираат, каде едното “размислува” со кодови а другото со срце, спојот во едно е она каде приказната добива смисла, слично како и во животот. На самиот крај срценцето е една визуелизација и на римско V симоболизирајќи ја петката оваа година која нè спојува. Се надевам ќе дочекам и ќе имам шанса своите приказни, своите визуелни решенија да дочекам да ги правам во соработка со СПФ и во големите двоцифрени броеви.


Tрн: Кажи ми нешто за твоите мали инспирации секојдневно од кои дизајнот добива смисла, но и можеби менува насока, од каде станува и ранлив ама и близок до оние што треба да го видат?
Андреј: Секојдневните случувања, емоциите, љубовта и хуморот се секогаш присутни музи. Кога ќе направиш коктел од дел од овие работи генерално е секогаш ,,питко”, во најмала рака, искрeно. Постерите, фестивалите брендингот, кориците за книги се една малку поинаква приказна каде својот визуелен идентитет и игривост ги поставуваш откога ќе се запознаш детално со приказната. Доколку би бил рецепт прво мораш да ги купиш сите намирници и да се запознаеш со нив, да ги вкусиш, исечкаш, запржиш. Да ги измешаш и направиш во свој рецепт кој после печењето се надеваш дека и клиентот ќе му се допадне, на кој си ставил сопствен ,,твист” и свој начин на сервирање. А најголемиот мерак е баш тоа отварањето или завршниот продукт во етерот кој дополнително силно ја раскажува приказната.


Трн: Емоциите и чувствувањето се секогаш интензивно претставени во твои дела, често доживеани како различни визуелни прегратки. Бидејќи си силна асоцијација за вакво творење, ако во моментов треба визуелно да претставиш нешто недофатно како прегратката, како изгледало тоа?
Андреј: Би се сетил кого сакам да прегрнам во моментов, како би се почувствувал, како би се впил во таа прегратка, колку долго сакам да трае …Oдлична појдовна точка.
Трн: Дали може да ни откриеш на што работиш во моментов и во која насока го гледаш твоето лично креативно патување периодов? Дали е поврзано со изложби и проекти од минатото или нешто сосема ново?
Андреј: Во моментов, баш пролетно, сакам да продолжам да ги раскажувам приказните на малото бело човече во насока на изложба дефинитивно која сè уште е во своја рана фаза, проследена со принтови и постери од нив, би сакал таа изложба да има и свое укоричено домче, настрана од принтови во лимитиран тираж… Но, ќе видиме, отворено, слободно… Ви благодарам Трн!