Во време кога галериските ѕидови сè почесто излегуваат надвор од своите граници, уметноста станува сè подостапна, подинамична и поинтерактивна. Младиот уметник, преку својот нов проект, ја преиспитува улогата на изложбениот простор, претворајќи ја самата галерија во активен учесник во делото. Со фокус на муралот како медиум, кој живее со околината и секојдневно комуницира со минувачите, тој создава дела што не бараат тишина и етикети, туку внимание, искреност и отвореност за нови дијалози.
Со Самостојната изложба која вчера вечер беше отворена, Мобилната/Монтажна галерија доби нова уметничка димензија. На надворешните ѕидови од галеријата се изработени мурали, така што објектот не е само изложбен простор, туку и активно уметничко дело во јавен простор. Наместо класична поставка внатре, Дејвид го користи надворешниот простор на галеријата како медиум за своето творештво, со што галеријата ќе добие нова улога – таа станува комуникациска точка, инспиративен простор и жива површина што ги повикува минувачите на уметничко доживување.
Дејвид Стоилковски е дипломиран графичар и магистриран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој е активен уметник кој се занимава со изработка на мурали и слики, со специфичен стил кој се движи помеѓу реализам и фотореализам, со нагласена фигурација. До денес има реализирано над 80 мурали, главно во неговиот роден град Куманово, но и во други градови низ Македонија, како и на меѓународно ниво. Покрај својата уметничка работа, Стоилковски е и еден од организаторите на “Графити фест – Куманово”, фестивал кој оваа година ја одбележува својата седма годишнина.
Во овој разговор, тој открива повеќе за неговата мотивација, пристапот кон јавниот простор и улогата на уметноста надвор од рамките на традиционалното.

Трн: Како дојде до идејата надворешните ѕидови на галеријата да бидат дел од изложбата, наместо класична поставка внатре и што значи за тебе мобилната/монтажна галерија како простор – дали те инспирира поинаку од традиционален изложбен простор?
Дејвид: Првата изложба ми беше со слики во галерија, втората малку поразлична со слики и мурал во галеријата и сега решив дека сакам само да изложам мурали јавно за сите па така решив дека можеби галеријата во франкофонија ќе ме инспирира и ќе биде идеална за тоа, бидејќи таа ми личи некако како можност од другите галериски простори за поразлични идеи
Трн: Муралот како медиум секогаш е јавно достапен. Како гледаш на идејата дека уметноста треба да биде „во движење“, на улица, во контакт со секојдневието?
Дејвид: На муралот како јавно дело гледам така што секој може да си пронајде некоја своја визија и инспирација проаѓајки и гледајќи токму во муралот, особено на оваа галерија која нуди 4 мурали па така да може секој да си избере и некако кога се движиш околу галеријата така и муралите те пратат!
Трн: Кои се клучните теми што ги разработуваш во оваа изложба? Што сакаш да ѝ пренесеш на публиката?
Дејвид: Клучните теми на оваа изложба се секојдневието и моментална инспирација преку реализмот во црно бела варијанта и реализам во боја како некој мој знак дека сеуште не можам да се одлучам во кој правец повеќе би се пронашол, на публиката сакам да и пренесам дека муралите го оплеменуваат било кој простор и го прават подобар за живеење!



Трн: Овој проект ја менува улогата на галеријата – таа станува и платно и порака. Каков дијалог очекуваш да се случи помеѓу твоите мурали и минувачите?
Дејвид: Очекувам искрен дијалог меѓу моите мурали и минувачите затоа што тие се јавни за интерпретација и секој може да си пронајде нешто свое лично во некој од муралите или пак нешто што му смета да го посочи, сепак се дело на конверзација.
Трн: Дали прифаќаш импровизција додека сликаш мурал, или сè е строго однапред испланирано?
Дејвид: Порано не сакав ништо да експериментирам, импровизирам туку одев чекор по чекор, но некогаш тоа знае да направи притисок во мојата глава дека се треба да се преслика како што е на фотографијата но сфатив дека тука ја нема многу слободата при творење па решив да импровизирам со бојата со потезите со потсликувањето, со деталите и со брзината на работа.

Трн: Каква е твојата филозофија во однос на уметноста во јавен простор – треба ли таа да провоцира, едуцира, декорира, комуницира…
Дејвид: Уметноста во јавен простор поготово муралите според мене не секогаш треба да имаат некоја порака или провокација или едукација, повеќе според мене сакам тоа што ми падне на памет за да го насликам да го сторам тоа секако ништо навредливо или сензитивно не сликам така да некако наивната уметност во јавен простор ми е подобра него некоја со порака, но некогаш и тие се одлични!
Трн: Постои ли мурал со кој си особено емотивно приврзан – можеби поради процесот, локацијата или пораката што ја носи?
Дејвид: Сега за сега немам некој посебен мурал сите ми се драги на свој начин, можеби првиот мурал ми е најдраг поради процесот на работа кога ништо не знаев на почетокот и сакав да видсм до каде ќе одам без искуство.

Трн: Kаква е улогата на уметникот денес, особено кога работи во јавен простор и се обраќа на поширока публика?
Дејвид: Улогата на уметникот е подобра отколку порано, пример пред 10,15 години бидејќи иако уште слабо од институции сме прифатени, повеќе се прифаќаме од луѓето од народот дека нешто убаво ќе направиме и ќе обогатиме некој простор.
Трн: Ти си и ко-организатор на „Графити фест – Куманово“. Како гледаш на заедницата на улични уметници во Македонија? Дали има поддршка, видливост, простор за раст?
Дејвид: На заедницата од улични уметници гледам така што можам да кажам дека сега за сега генерално функционираме меѓусебно но не сите, можеби во иднина треба да се направи некое здружение на улични уметници во Македонија и заедно да функционираме околу цртања, сликања, проекти.
Трн: Што би сакал твојата работа да остави зад себе – не како визуелен траг, туку како порака или чувство?
Дејвид: Моите дела сакам да остават порака најпрвин за луѓето што сакаат да почнат со цртање со мурали. Пораката е дека ако си истраен ќе можеш и ти да сликаш мурали и морам да потенцирам дека процесот е тежок и си подложен на многу услови, временски, јавни и слично бидејќи си на отворено, тие мурали на отворено ми се подраги отколку внатрешните!