ИНТЕРВЈУ Тамара Котевска, режисерка: Во Македонија има многу болка за која треба да се зборува

„Документарците се сериозен медиум за креирање и менување на мислењето на гледачите за одредени теми, многу порелеватни од социјалните медиуми особено во денешно време на лажни вести со кои сме бомбардирани“, вели Котевска во ексклузивното интервју за „Независен“

„Најмногу ме сменија посетите на камповите. Кога предолго поминуваш со тие луѓе почнуваш да се чувствуваш виновен за сопствениот живот и за тоа што ти доаѓаш од некаков мир. Треба некое подолго време да го надминеш тоа чувство“, вели режисерката Тамара Котевска (30) за својот, нов, втор документарец „Одејќи пеш“ , најавен на 80. Венецијански фестивал во септември, а промовиран во Њујорк во ноември, во ексклузивното интервју за „Независен“.  

Каде и да се свртиш, во Скопје, Венеција или Њујорк, Котевска испишува историја. Со „Медена земја“ стигна до две историски номинации за „Оскар“, со новиот „Одејќи пеш“ во Венеција , легендарната модна дизајнерка и активистка Дајан фон Фирстенберг ја најави како „најневеројатниот филмаџија и борец за слобода“. Таму, Котевска беше првиот автор од Македонија, кој одржа свечен говор за филмови, кои имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена.

За филмското „патешествие“ како филмаџија и човек од бегалските кампови на турско-сириската граница, низ 15 земји, во 97 градови, и 9.000 км околу светот –  до будење со кафе со поглед на Њујорк, Котевска, за „Независен“, по четири интервју за американски медиуми,  ја откри и својата лична приказна со бегалците, како Америка го сменил животот на подобро и на Асил и на Атиџе  и како никој не верува дека славните личности би си го трошеле времето и парите на маргинализираните групи. 

Првата станица за филмот е Њујорк, на светската премиера на „Патување пеш“ (The Walk) на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC). Какви реакции имаше со оглед дека се бавите со исклучително актуелна и осетлива тема посветена на бегалците од Сирија и Палестина?

Филмот излезе во најкритичното можно време за оваа тема. Ние снимавме во Палестина во 2022, но не можевме ниту да претпоставиме дека ситуацијата толку ќе ескалира за само една година. Поради ова, секако дека и реакциите беа многу побурни. Бидејќи се работи за многу сензитивна тема, имаше од нај-позитивни до најбурни реакции. Сириската публика генерално излегува од филмот со солзи во очите и сите до еден ме гушкаат и ми се заблагодаруваат што сум го направила овој филм. Тоа е највредното, најбесценетото чувство кое еден филмски автор може да го доживее. Сите гледачи кои не се со радикален политички став се навистина трогнати од човечката приказна која е раскажана во овој филм. Но има и такви кои директно го припишуваа филмот како про – едно или анти – друго. Најжестоката реакција ја добив од еден Италијански новинар кој беше на премиерата и кој буквално ме нападна веднаш по завршувањето на филмот за тоа што овој филм ја поддржувал идеологијата да им се дадат пасоши на бегалците. “А знаеш ли ти колку ги има во Италија? Тие се ужасни! Спијат по улици! Се бањаат во нашите историски, мермерни фонтани! Италија веќе не личи на ништо! Која сте вие да зборувате за тоа дека Италија треба да им даде пасоши нив?“  – Тоа беше коментарот. Непотребно да се дискутира неговата реплика во која ги опишува фонтаните како “скапи, историски, мермерни’’ ставајќи ги во контекст бегалците како валкани, непожелни и недостојни за Италијанската белина. Но ваквите реакции од разно-разни десничарски радикалци само ме убедуваат дека овој филм мораше да постои.

Дали филмот според вас, ќе предизвика тага, или ја велича силата на бегалците и на сите што ќе го гледаат? Која е неговата порака?

Филмот апсолутно ја велича силата на бегалците и оние кои го поминале тоа пеколно искуство на овој филм гледаат како на една заздравена рана која потсетува на една живот или смрт битка. Дефинитивно побудува огромна тага. Публиката плаче на филмот. Се поистоветува со дрвена кукла и плаче за нејзината судбина. Тоа го сметам за највисока форма на постигната магија во филмот.

Што ве мотивира толку да го режирате овој документарец?

Мојата лична мотивација да го режирам овој филм беше побудена од мојот личен став кон темата за бегалците и кон тоа колку тие не се прифатени на Балканот и во Македонија. Меѓу другото имам и многу  лична приказна со бегалци: после војната во Босна, баба ми и дедо ми по религија православни христијани биле единствените во селото (Катланово) кои примиле пар муслимански бегалци да живеат кај нив неколку години: Чамил и Асима. За тоа биле жестоко критикувани од сите соседи, но во мојата фамилија генерално владее правило на човечност, хуманост и почит пред било каква општествена поделба. Таа жена, Асима ме научи како да одам. Со неа ги направив првите чекори во дворот на баба ми и дедо ми.  Овој спомен беше првиот кој ми дојде кога ја отворив понудата да работам на the Walk. 

„Патување пеш“ е мојот втор документарен филм и овој филм следи навистина неверојатно театарско шоу. Ова е втората причина зошто јас бев толку инспирирана да го направам овој филм : пред години, еден независен театар од Лондон почнал да прави кастинзи по бегалските кампови во Англија кога бранот на Сириски бегалци почнал да се влева во Англија. Тие сакале да ги извадат скриените талени од сенките на камповите и така ја нашле 10-годишната Амал, чие име значи надеж и во чија чест го носам овој натпис на облеката денес. Ова девојче го раскажало своето неверојатно патешествие кое стана оваа претстава. Театарската трупа изградила кукла од 3 метри со ликот на малата Амал, која го следи патешествието на вистинското девојче, од турско-сириската граница, преку медитеранската рута се до Манчестер. Тогаш ме поканија мене да го правам документарецот за овој патувачки театар. Она што мене најмногу ме плени во оваа идеја за патувачки театар беше фактот дека тоа не беше само претстава, туку цело едно активистичко движење кое не е престанато се до денес и нема да престане. Јас сум лично засегната од филмови и уметнички форми кои прават општествени промени на овој начин. Тие не остануваат ‘во фиока’, нивниот пат не завршува откако ќе бидат покажани на некој фестивал или на некој стример, туку тие се предизвикувачи на цели движења. Денес гордо можам да кажам дека Амал стана симболот на бегалците низ цел свет“.

Зошто е 3 метри висока и зошто одлучија Амал да биде марионета?

Амал е марионета за да ги потсети властите низ местата во кои поминува дека нејзината слобода зависи од нивната контрола и нивните одлуки. А висока е 3 метри за никој да не може да сврти поглед од неа на улица и да се преправа дека е невидлива, како што тоа вообичаено се случува со бегалците на нивното патешествие.

Кој ја изработи џиновската кукла?

Handspring puppet company од Јужна Африка ја изработи. Таа компанија во светот на папетерството е како Спилберг во светот на филмовите.

Кои деца бегалци најдобро реагираа на Амал?

Сите до едно. Едни од најинспиративните приказни на деца бегалци беа во бегалскиот камп во Јанина, близу Солун. Бев навистина изненадена како овие деца реагираа на средбата со Амал-куклата. Ова беше еден од ретките моменти на надеж кој го имаа во многуте години на седење и чекање на документи во овие кампови. Затоа како авторка на филмот, решив да ја раскажам приказната од перспектива на едно вакво дете бегалче кое е заробено на турско-сириската граница, во институција, без документи, без можност да патува. Таа ја гледа Амал на телевизорот од чуварот на домот и толку се инспирира што почнува да сонува за патувањето на Амал секој ден. Така што, стилот на филмот е испреплетена структура од патешествието на куклата Амал и сонот и надежта на ова девојче. Преку куклата Амал, девојчето учи дека ова патешествие всушност не е ‘авантура од соништата’, туку е ‘пеколна одисеја’ на многу начини. Но на крајот, сепак, ‘Патување пеш’ не е плач за помош, туку е славење на силата на бегалците и нивната борба да бидат еднакви на сите други“. 

Документарецот се снимаше 2 години, на територија од повеќе од 14 земји, вистинско патешествие. Кои моменти нема да ги заборавите, а кои ве сменија како личност, за време на снимањето?

Никогаш нема да го заборавам стравот кој го почувствував на протестите против Амал во Грција. Не можев д претпоставам дека една група на луѓе може да има толку омраза против бегалците. Најмногу ме сменија посетите на камповите. Кога предолго поминуваш со тие луѓе почнуваш да се чувствуваш виновен за сопствениот живот и за тоа што ти доаѓаш од некаков мир. Треба некое подолго време да го надминеш тоа чувство.

На пресот во Скопје изјавивте дека на новиот документарец му приоѓате поинаку од првиот документарец „Медена земја“. На што мислевте?

Двата документарци имаат сосем различен стил и пристап во снимањето. Всушност, диаметрално спротивни се. Едниот е сниман 4 години со 4 луѓе во напуштено село, а другиот е сниман по еден ден во различен град во 14 различни земји со екипа од 100 луѓе. Тоа беше најголемиот предизвик.

Веќе сте во светската лига со документарните филмови кои оставаат општествен импакт. Колку сметате дека тие можат да го сменат светот или пак нашето и на светската јавност, мислење?

Документарците не можат да го сменат целиот свет, но нивната моќ и убавина е што комплетно можат да сменат нечии светови. Најмногу од сѐ го менуваат светот на протагонистите и во мојот пример – на подобро. Животот на Асил е сменет после овој филм. Тоа мало, депресивно девојче кои изгубило сѐ во животот, кое немаше никаков идентитет, беше само бројка во организацијата за бегалци, одеднаш добни свој простор да се искаже, своја приказна, светот ја виде, ние филмската екипа сериозно финансиски  и помогнавме нејзе и на нејзината преостаната фамилија да застане на нозе. Таа беше пресреќна кога се виде на филмот. Таа не можеше ниту да замисли дека ќе ја гледаат во Америка. Исто како и Атиџе. Исто како и многумина чии невидливи приказни би биле голтнати од вилиците на времето без никаков доказ дека некогаш постоеле. А сега, не само што се вечни и бесмртни, туку инспирираат уште многумина кои ги гледаат насекаде во светот и ги поттикнуваат да направат промени во сопствените животи. Документарците се сериозен медиум за креирање и менување на мислењето на гледачите за одредени теми. Многу порелеватни од социјалните медиуми особено во денешно време на лажни вести со кои сме бомбардирани. Документарците се работат со години и секоја информација во нив се чешла 100 пати пред да биде конечно пуштена во јавноста. Никогаш не ја потценувајте моќта на движечките слики, особено оние директно извадени од реалноста. Тие имаат многу поголемо свесно социјално и потсвесно индивидуално влијание од што гледачот може да замисли.

На оваа тема, зборувавте и на Венецијанскиот фестивал, во рамките на настанот „Lights Camera Impact“, како прва македонска авторка која доби покана да зборува за филмови, кои имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена.

Да.

Меѓу говорниците на гала настанот беше и легендарната модна дизајнерка и активистка Дајан фон Фирстенберг, а меѓу наградените беше и адвокатката за човечки права Амал Клуни која дојде со сопругот, актерот Џорџ Клуни. Каков впечаток ви оставија сите тројца, мора да ве прашам?

Мислам дека генерално луѓето имаат предрасуди кон богати луѓе кои прават хуманитарни настани од тој тип. Луѓето како да не можат да веруваат дека такви celebrities би си го трошеле времето и парите на маргинализираните групи. Но тоа е голема предрасуда. Кога луѓето имаат се што сакале да постигнат во животот, многу полесно можат да бидат добри кон другите и да размислуваат за хуманоста и за својот импакт на сосем поинаков начин. Дајан е модна дизајнерка која всушност потекнува од бегалска фамилија. Нејзината мајка – еврејка била спасена од Аушвиц. Но и покрај нејзините еврејски корени таа целиот живот се занимава со муслимански бегалци, инвестира во градење кампови и се обидува да помогне на бегалците да се снајдат во своите нови животи и кариери. Таа има помогнато на илјадници бегалци токму благодарение на настаните кои ги организира. Амал Клуни е еден ангел кој целиот свој живот го има посветено борејќи се со најтешките меѓународни случаи за човекови права. Не може ниту да се опише какви се случаи има добиено ширум светот и како со тоа има не само спасено животи, туку променето цели населени места на локалци кои се борат со големи коорпорации. Таа е прекрасна. Џорџ не го запознав многу, но самата Амал на врачувањето на наградата од Дајан изјави дека Џорџ е прекрасен така да може да и веруваме. 

Дали ќе продолжите да снимате филмови „кои го менуваат светот“?

Веќе го правам тоа. Едвај чекам да ја раскажам приказната на мојот трет документарец за штрковите кои престануваат да мигрираат поради тоа што се хранат на брзо-растечките, неселектирани, токсични македонски депонии и таму и умираат, а после тоа едвај чекам да ја раскажам играната приказна инспирирана од вистински настани поврзани со фамозниот кинески автопат кој би требало да ја спои Македонија со Западот, но наместо тоа, неповратно ги разделува македонските фамилии и вредности. Во Македонија има многу болка за која треба да се зборува, но темите кои јас ги избирам од Македонија се локални со глобален импакт. Тоа се отворени рани на модерниот свет во кој живееме и со раскажување филмски приказни за нив секако дека се надевам дека ќе придонесам за затворање на тие рани. 

Што е за вас врв на кариера? Каде и со кои актери?

Врв на кариера е единствено импактот кој еден филм го има врз публиката. Кога публиката сама го бара филмот. Кога публиката вели дека нешто во врска со тој филм ја допрело сржта на нивното срце и им го сменил животот на некаков начин. Каде и со кои актери – немам преференца. Зависно од тоа колку приказната прави смисла, тоа може да се и најдобрите актери од Холивуд и натурчици од напуштено село во Македонија. Возбудата може да биде иста.

Извор: racin.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни