Филмот „Interstellar“ во режија на Кристофер Нолан беше реиздаден оваа година по повод неговата 10-годишнина. Првично планирано за 27 септември 2024 година, реиздавањето беше одложено и се одржа на 6 декември годинава, а филмот е прикажан во 70mm IMAX и дигитални формати. Реизданието постигна значителен успех, заработувајќи над 24,4 милиони долари на светско ниво до 20 декември.
Со своето 10-годишно јубилејно реиздание, Interstellar на Кристофер Нолан повторно го освојува вниманието на љубителите на научната фантастика и на филмските критичари. Ова специјално издание во IMAX 70mm и дигитални формати, како и луксузното 4K Blu-ray колекционерско издание, нуди нова перспектива на делото кое се позиционираше како едно од највлијателните НФ приказни на модерното време. Сепак, филмот не е без свои маани, кои во контекстот на повторното прикажување добиваат дополнителна тежина.

Interstellar се обидува да се позиционира како грандиозна космичка одисеја, поставувајќи се во иста линија со класиците 2001: A Space Odyssey на Стенли Кјубрик и Solaris на Андреј Тарковски. Иако сите три филма истражуваат длабоки теми – човечката природа, универзалноста на љубовта и егзистенцијалната неизвесност, Interstellar има посебен пристап кон сентименталноста, која го разликува од рационалноста на Кјубрик и метафизичката медитација на Тарковски. Нолан, со наративот околу љубовта како сила што го надминува времето и просторот, додава човечки елемент кој понекогаш делува како клише.
Една од критиките насочени кон Interstellar е поради неговото времетраење од речиси три часа. Додека деталните научни објаснувања и визуелните спектакли го оправдуваат кино-времето, некои сцени се чинат непотребно издолжени, особено во првиот чин. Blade Runner на Ридли Скот успева да одржи интензитет и атмосфера со пократко времетраење, а притоа го задржува својот карактеристичен печат и навистина се наметнува како ремек-дело. Емотивната, централна приказна на Interstellar – врската помеѓу Купер и неговата ќерка Марф – е во исто време и најсилната и најкритичната точка на филмот. Сцените на разделба и повторно обединување се технички перфектни, но не успеваат да ги избегнат замките на пренагласената мелодрама. За споредба, Arrival на Дени Вилнев успева да го задржи суптилниот тон, комбинирајќи го личното со глобалното без претерана сентименталност.

Interstellar е сепак мајсторско дело на техничко ниво. Вселенските дизајни, визуелизацијата на црната дупка и патувањатата низ време-просторот се извонредно изведени. Ова реиздание, особено во IMAX форматов, ја нагласува грандиозноста на визуелната уметност и уште еднаш го потврдува Нолан како искусен кинематографер.
Јубилејното издание на Interstellar е одлична можност за повторно прегледување, исчитување и доживување на оваа амбициозна приказна, но и повод за критичка рефлексија. Филмот ја слави моќта на љубовта и науката, но неговата пренагласена сентименталност и должината можат да ги одвратат попребирливите гледачи. Сепак, како и секој внимателно дизајниран, обмислен филм, тој продолжува да инспирира и да предизвикува дискусии, позиционирајќи се како важен дел од пантеонот на научно-фантастичната кинематографија.