Во четврток, на 18 декември 2025 година, со почеток од 20:00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамки на програмата на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој го истражува односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, улогата на јазикот како визуелно и идеолошко средство и пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку текстуални интервенции, видео-содржини и алгоритамски процеси, изложбата отвора прашања за контролата, моќта и трансформацијата на субјектот во дигиталната ера.
Насловот упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се обликуваат значењата, одлуките и позициите на моќ. Во таа смисла, интерфејсот не е само алатка, туку критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Во остар контраст со алгоритамската комуникација, во изложбата се појавуваат видеа со воени сцени – визуелно превртени „пејзажи“ на човечката дистопија и остатокот од хуманистичкиот идеал. Овој сегмент ја отвора клучната дилема: ако вештачката интелигенција може да симулира, предвидува и анализира, зошто не може да ги спречи војните? Одговорот, како што сугерира проектот, не е технички, туку системски – насилството не е алгоритамска грешка, туку производ на историски структури на моќ, капитал и територија, кои технологијата не ги укинува, туку често ги забрзува и внатрешува.
Проектот се надоврзува на современите уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот и дигиталната медијација на реалноста, третирајќи ја вештачката интелигенција не како неутрална технологија, туку како активен фактор во обликувањето на политичките, културните и етичките релации на денешницата.
Изложбата може да се посети од 18 до 24 декември 2025 година во Мала станица, Скопје.
