Сè повеќе корисници чувствуваат дека социјалните мрежи и интернет платформите не се тоа што беа. Денес има повеќе реклами, повеќе ограничувања и сè помалку контрола. Токму оваа појава сега има и име: „еншитификација“.
Терминот, воведен од новинарот Кори Доктороу, опишува процес во кој дигиталните платформи постепено го жртвуваат корисничкото искуство за профит.
Од корисници – до „производ“
Според Норвешки совет на потрошувачи (NCC), платформите прво нудат одлично искуство за да привлечат публика. Потоа почнуваат да додаваат реклами, платени функции и алгоритми што ја оттурнуваат органската содржина.
На крај, дури и бизнис-корисниците стануваат дел од истиот систем – сè во корист на максимален профит.
Што се случи со социјалните мрежи?
Платформи како Facebook, TikTok, Snapchat и X (Twitter) денес се преплавени со агресивни реклами, „препорачана“ содржина наместо она што го следите и платени опции за функции што порано биле бесплатни.
Наместо поврзување со луѓе, фокусот се префрла кон задржување внимание и монетизација.
Зошто не си заминуваме?
Иако многумина се незадоволни, ретко кој ја напушта платформата. Причината е т.н. „мрежен ефект“ – сите се таму.
Ако заминете ги губите контактите, ги губите омилените креатори и губите пристап до заедници
Дополнително, преминувањето на друга платформа бара време, напор и често – нова публика.
Може ли некој да го сопре ова?
Во Европска Унија веќе се воведени закони како Digital Services Act и Digital Markets Act, кои треба да ги ограничат злоупотребите.
Но експертите предупредуваат: без вистинска примена и казни, промените ќе бидат бавни.
„Можеме подобар интернет“
Над 70 организации веќе бараат построги правила и поголема одговорност од технолошките гиганти. Пораката е едноставна: интернетот не мора да стане полош. Но ако ништо не се промени – „еншитификацијата“ ќе продолжи. Прашањето е: дали корисниците и институциите ќе реагираат навреме?